Минатата недела астрономите направија нови слики од досега најголемото затемнување на Бетелгез, суперџиновската црвена sвезда во coѕвездието Орион.
Набљудувањето направено од Европската јужна опсерваторија со помош на VLT го потврдија она што беше забележливо и со голо око. Имено, блесокот на ѕвездата е намален за една третина од нејзиниот вообичаен сјај, а како што откриваат фотографиите, се чини дека има промена и во нејзината привидна форма.
Но, според тимот којшто внимателно ја набљудува оваа ѕвезда од декември, сосема е веројатно дека нема да има космичка експлозија, барем не во скоро време.
Како и сите црвени супер-џинови така и Бетелгез еден ден ќе премине во супернова, но Мигел Монтарже (Miguel Montargès), од Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија, и неговите колеги имаат и други хипотези коишто може да ја објаснат промената кај ѕвездата.
“Двете сценарија, на коишто работиме, предлагаат ладење на површината заради исклучителна ѕвездена активност или исфрлање на прав насочено кон нас. Секако, нашето знаење за црвените супер-џинови е нецелосно, и ова е сè уште работа во тек, така што, сепак, може да се случи изненадување“. – стои изјавата на Мигел Монтарже во соопштението од ЕСО.
Инструментите на VLT, кај Серо Паранал во Чиле, овозможуваат набљудување од видливиот до средниот инфрацрвен дел од светлинскиот спектар, што значи дека астрономите можат да ја видат и површината на Бетелгез и материјалот околу неа.
“Ова е единствениот начин на којшто можеме да разбереме што се случува со ѕвездата“, истакнува Монтарже.