Што ако некој непознат ве фотографира на улица, а потоа може да употреби апликација за брзо откривање на вашето име, адреса и други детали од вашиот живот? Како што неодамна објави Њујорк Тајмс, стартапот наречен Clearview AI го овозможи тоа, а нивната апликација моментално ја користат стотици агенции за спроведување на законот во САД меѓу кои и ФБИ.
Вестите дека тајна компанија веќе две години продава софтвер за препознавање на лица ја разбрануваа американската јавност. Компанијата што стои зад оваа технологија нуди софтвер кој пребарува фотографии на социјалните мрежи и е во состојба да идентификува дури и ако фотографиите се матни или е покриен дел од лицето. Clearview дури може да им понуди на полицајците и специјални дигитални очила. Според пишувањата на Њујорк тајмс, услугите и апликациите на оваа компанија биле користени од 2017 година, но тоа за првпат се споменува дури кон крајот на минатата година, во судските случаи на една кражба на Флорида.
Идејата за таков софтвер се родила во 2016 година, а иницијатори биле австралиските претприемачи Хоан Тон Тат и Ричард Шварц, тогашни блиски соработници на градоначалникот на Њујорк, Руди Џулијани. Тон Тат признал за медиумите дека теоретски програмата им овозможува на полицајците, опремени со специјални дигитални очила, буквално со еден поглед кон нечие лице да добијат податоци за таа личност, слично како во американскиот научнофантастичен филм Робокап. Меѓутоа, Тот тврди дека компанијата сè уште нема да ја продава никому таа технологија. На новинарското прашање дали со пребарувањето фотографии на Fаcebook се кршат условите на таа социјална мрежа, Тот одговорил дека тоа многумина го работат и дека Facebook го знаел тоа.
Како што понатаму пренесува Тајмс, апликацијата работи споредувајќи ја фотографијата со база на податоци од повеќе од 3 милијарди слики, база за којашто Clearview вели дека е создадена од Facebook, Venmo, YouTube и други страници. Големината на базата на податоци што Clearview ја користи ги засенува сите други бази на податоци што ги користат службите за спроведување на законот и редот. Колку за споредба базата на податоци на ФБИ, коишто ги содржат фотографиите од пасоши и од возачки дозволи, е една од најголемите, со над 641 милиони слики на американски граѓани.
Апликацијата Clearview во моментов не е достапна за јавноста, но Тајмс наведува дека полицајците и инвеститорите на Clearview сметаат дека ќе биде во иднина.
Од стартапот информирале дека “нивната технологија е наменета само за употреба од страна на полицијата и безбедносните лица. Таа не е наменета за употреба од страна на пошироката јавност“. Компанијата Clearview тврди дека нивниот софтвер веќе помогнал да се решат голем број случаи на злоупотреба на деца или кражба на идентитет, но за тоа не се поднесени никакви докази. Софтверот во 75% од случаите успешно ги препознал личностите.
Полициските службеници велат дека ја користеле апликацијата во повеќе случаи, од ситни кражби во продавници до случаи со сексуална злоуопотреба на деца и со убиства. Но, активистите што се залагаат за заштита на приватноста предупредуваат дека софтверот за препознавање фотографии може да креира лажни совпаѓања, а би можел да стане и предмет на злоупотреба од страна на пазачи и други криминални активности, па дури и тоа дека технологиите за препознавање на лицето би можеле да бидат користени за спроведување масовен надзор.
Во оваа насока, неколку градови во САД, меѓу кои и Сан Франциско, ја забранија употребата на софтверот од Clearview, но законската регулатива сè уште отсуствува на федерално ниво.