Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 18.2.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.02.2020 - 10:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

18.2.1930 – откриен е Плутон

Клајд Томбо го открива Плутон, небеското тело за коешто тогаш се верува дека е деветата планета во Сончевиот систем.

Постоењето на девета планета во Сончевиот систем за првпат било предложено од страна на астрономот Персивал Ловел (Percival Lowell), којшто теоретизирал дека колебањата во орбитите на Уран и Нептун се последица од гравитациската привлечност на некоја непозната планета. Ловел направил пресметки за приближната локација за оваа хипотетичка девета планета по којашто безуспешно трагал во наредните десетина години. Во 1929 година, потрагата по Плутон се сели во Опсерваторијата Ловел во Аризона, а притоа се користат пресметките на Ловел и Пикеринг (W.H. Pickering). На 18 февруари, применувајќи ја новаата астрономска техника на проучување на фотографските плочи со употреба на  трепкачки компаратор (blink microscope), Томбо открива мала, далечна планета. Неговото откритие било потврдено од неколку други астрономи, по што на 13 март 1930 година откритието и било презентирано на пошироката јавност.

“Кума” на Плутон е едно единаесетгодишно девојче од Оксфорд, Англија. Венеша Барни (Venetia Burney) била фасцинирана од класичната митологија, па во разговор со нејзиниот дедо, го предложила името Плутон, според богот на подземјето. Нејзиниот дедо којшто бил поранешен библиотекар на Оксфордската универзитетска библиотека Бодлијан (Bodleian Library), го проследил предлогот до професорот по астронимија Херберт Хол Тарнер, кој им го проследил на колегите во САД.

Плутон првично е заведен како деветта планета, статус што го уживаше до 24 август 2006 година кога на конгресот на Меѓународниот астрономски сојуз овој поим беше допрецизиран, па статусот на Плутон се промени во џуџеста планета.

Плутон има пет природни сателити: Харон,Стикс, Никта, Кербер и Хидра. Понекогаш Плутон и Харон се сметаат за бинарен систем поради тоа што барицентарот на нивните орбити е сместен надвор од нивните тела.

Во 2006 година од Кејп Канаверал беше лансирана сондата Нови Хоризонти, со цел подобро да се разбере формирањето на бинарниот планетски систем на Плутон, на Кајперовиот појас, како и трансформацијата на раниот Сончев систем. Леталото досега има проследено голем број податоци за атмосферата, површината, внатрешноста и околината на Плутон и неговите месечини. Повеќе за Плутони и мисијата Нови Хоризонти во ЕМИТЕР може да најдете тука (Н. С.)

 

18.2.1745 – Роден е Александро Волта

Александро Волта (Aleksandro Volta), италијански физичар, познат е како пронаоѓач на електричната батерија, којашто ја претвора хемиската енергија во електрична. Во негова чест, единицата за електричен потенцијал (напон) го носи неговото име, Волт (V).  (П. Л.)

 

18.2.1898 – Роден е великиот Енцо Ферари

Италијанец во комбинација со ликот автомеханичар – спортски возач – инженер – менаџер Енцо Ферари слободно може да се каже дека тоа се темелните предиспозиции за врвен светски спортски автомобилски производ. Да, на овој ден е роден големиот Енцо Ферари. Голем спортски автомобилски магнат кој во својата фирма ги произведува најпознатите и најскапите, како и најдобрите малосериски спортски автомобили во светот (Порше пак, ги произведува најдобрите високосериски спортски автомобили во светот). Американците се луди по возилата на Ферари – за нив оставаат неброени богатства.

Кариерата ја започнува како млад возач во спортски трки. Бил мошне успешен, но го интересирала и механиката. Почнува да работи во Алфа Ромео, каде што го учи конструкторскиот занает, и по Втората светска војна започнува со мошне успешен сопствен бизнис, а тоа е производство на спортски автомобили. За брендот Ферари како тркачки тим на најголемиот циркус во светот, Формула 1, не треба воопшто да се говори. Дури и не може да се замислат овие трки без Скудерија Ферари или коњицата на Ферари.  (Т. С.)

 

18.2.1977 – Отворена првата продавница за компјутери ComputerLand

По успехот на IMS Associates, Inc. во продажбата на IMSAI 8080 по пошта и преку независни дилери, основачот на IMSAI, Бил Милард, донесе одлука да започне франшиза на компјутерски продавници. Првата продавница, наречена Computer Shack, беше отворена на South Street во Мористаун, Њу Џерси, на 18 февруари 1977 година. Синџирот набргу потоа го смени своето име во ComputerLand, по загрозената тужба за сличностите на името на Radio Shack. До средината на 1980-тите. ComputerLand стана најголемиот продавач на компјутери, а неговиот синџир опфаќаше околу 800 продавници во САД, Канада, Европа и Јапонија. Бил Милард го продаде својот удел во ComputerLand во 1987 година, по што се пензионира на островот Саипан, а во 2011 година е потврдено дека живее на на Кајманските острови. Ланецот на ComputerLand не се снајде најдбро во брзиот развој на PC индустријата по средината на ‘80 години. Веќе на почетокот на ’90 синџирот ќе затвори голем дел од продавниците, а последната продавница ќе ја затвори во февруари 1999 година, со што оваа франшиза и официјално престана да постои. (И. З.)

Клучни зборови:
Плутон виден низ окото на Нови Хоризонти

Плутон виден низ окото на Нови Хоризонти

Портрет на Алесандро Волта заедно со два негови пронајдоци

Портрет на Алесандро Волта заедно со двата негови пронајдоци – електрофорот и батеријата

Енцо Ферари
Вака изгледала внатрешноста на продавниците на Компјутерленд

Вака изгледала внатрешноста на продавниците на Компјутерленд во осумдесетите години