Ќе започнеме со малку историја во врска со 5-тата фундаментална сила! Во времето на Њутн и Ајнштајн, во космологијата се сметаше дека космосот е статичен (неподвижен). Меѓутоа, подоцна, со откритието на Едвин Хабл (Edwin Hubble) се утврди дека универзумот не е статичен, туку дека перманентно експандира (се шири). Сепак, под дејство на гравитацијата на галаксиите се сметаше дека ширењето перманентно забавува, па научниците дебатираа околу прашањето дали космосот ќе колабира, т.е. повторно ќе се згусне, како што бил на почетокот. Притоа тие сметале дека космосот, каков што тогаш тие го гледале и го сфаќале, е “продукт” од вкупно 4 (четири) основни природни сили: електромагнетската, јаката нуклеарна сила, слабата нуклеарна сила и гравитацијата.
Меѓутоа, подоцна стаса ново револуционерно откритие, коешто внесе тотална промена во сфаќањето за природата на космосот. Имено, астрономот Сол Перлмутер (Saul Perlmuter) со двајца соработници откриле дека експанзијата (ширењето) на космосот не е ретардирачка (не забавува), туку е акцелерациска (забрзува), и за тоа откритие ја добија Нобеловата награда за физика во 2011 година. На таа тема пишувавме во Емитер 4/03: “Ревизија на постоечката слика на универзумот”. Според тоа откритие, космосот не се движи кон повторно згуснување, туку се движи кон “празен простор” (види ја сликата во прилог)! Меѓутоа, да објасниме, акцелерациско (забрзано) ширење на космосот може да постои само под дејство на некоја сила со одбивно дејство, кое е посилно од постоечкото привлечно дејство на гравитацијата, па така се роди сознанието за постоење на дополниелна, 5-та основна природна сила, којашто научниците ја именуваа “темна енергија”.
Акцелерациска експанзија на космосот под дејство на 5-тата основна сила.
Сега доаѓа најбитното; во најново време, експериментирајќи со елементарни честички, научниците откриле нова, досега непозната елементарна честичка, којашто би можела да биде честичка што го поврзува нашиот видлив свет со невидливата темна енергија, односно 5-та основна елементарна сила. Интересно е што оваа идеја произлезе во областа на микро-светот, т.е. во светот на елементарните честички. Имено, група научници од Институтот за нуклеарни истражувања на Унгарската академија на науките, уште од пред 3 години, следејќи го распадот на атом од изотопот берилиум-8, утврди негово распаѓање на досега непознати честички, кои што воопшто не постојат во широкоприфатениот “Стандарден модел на честички”, ниту пак нивната појава може да се објасни со физичко дејство на некоја од наведените четири основни сили. Имено, најново откриените честички имаат маса 17 MeV (мега електрон волти), па се наречени честички “Х17”, и веднаш по распадот на атомот тие меѓусебе се оддалечуваат под невообичаено, чудно голем агол од околу 140 степени. Според сето тоа, кај истражувачите се роди идејата дека всушност тие можеби откриле нов пример на дејство на 5-та основна природна сила. Наодот тогаш го објавиле во многу престижното научно списание Physical Review Letters.
Но, за да бидат сигурни дека не се работи за некоја грешка во инструментите, екипата го повтори истиот експеримент во 2019 година, овојпат со распад на атом на хелиум, и притоа го доби истиот резултат.
Целата истражувачка постапка на унгарската екипа од нејзиниот почеток ја следеше Џонатан Фенг (Jonathan Feng), професор по физика и астроном на калифорнискиот Универзитет Ирвин (Irvine), и врз основа на наодите од унгарската екипа, тој објави своја студија, во која наодот на унгарската екипа го смета за точен. Меѓутоа, сепак тој наведе дека истиот наод би бил наполно потврден кога некоја друга истражувачка екипа би го добила истиот резултат експериментирајќи со некој друг вид атоми, освен со атоми на берилиум и хелиум. Во врска со тоа, некои експериментални истражувачки екипи веќе контактирале со наведениот професор.