Рубрика: Геологија
Оптичките кабли како сеизмички сензори?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.11.2019 - 12:30

Едно ново истражување ја разгледува можноста за употреба на подводните комуникациски мрежи за следење на тектонската активност на Земјата. На морското дно е распослана широка мрежа телекомуникациски кабли со оптички влакна кои се користат за интернет, телевизија и телефонија. Она што ги заинтригирало научниците е можноста овие кабли да ги почувствуваат движењата на тектонските плочи на Земјата.

Во истражувањето што беше неодамна објавено во списанието Science, еден телекомуникациски оптички кабел поставен крај брегот на Калифорнија во должина од 20 километри бил употребен како еквивалент на 10 000 станици за детектирање на сеизмичките потреси. Истражувачите ги испитале тектонските плочи длабоко под површината на Земјата и раседните линии во кои тие се допираат, каде карпите активно се преклопуваат и поместуваат. Последица од дејството на ваквите раседни линии се деструктивните земјотреси и цунами брановите.

Мапирањето на раседните зони на Земјата е мошне тешка работа, па голем дел од овие зони засега се сè уште непознати. Ова значи и дека целосниот потенцијал и разурнувачката моќ на евентуалните природни непогоди од овој тип што би се случиле некаде длабоко под океанското дно сè уште останува тајна за научниците.

Истражувачкиот тим од Универзитетот Беркли во Калифорнија, под водство на Нејт Линдзи (Nate Lindsey),  решил да ја испита можноста за мерење на физичките квалитети како што се температурата, притисокот, стегнатоста, напонот и забрзувањето преку користење на осетливостата на оптички влакна на овие влијанија. Тие експериментирале со техниката на Дистрибуирани акустички сензори (ДАС), своевидно “ослушкување” на околината со фибероптички кабли, при што се користат пулсирањата на ласерската светлина што минува низ каблите за континуирано откривање и на најмалите движења на морското дно. За време на нивниот четиридневен експеримент во калифорнискиот залив Монтереј, истражувачите забележале земјотрес со јачина од 3,5 степени којшто потекнувал од од подводните раседни зони. Истражувањето ги квантификуваше и интензитетот на офшор сеизмичките опасности, како што се, на пример, раседните линии на системот Сан Грегорио, подводните вулкани, океанските бранови со стабилна состојба и брановите при бури.

Коавторот на трудит Џонатан Аџо-Френклин (Jonathan Ajo-Franklin) вели дека крајната цел е да се користат сите активни фибероптички мрежи ширум светот. По негова слободна проценка во светот има повеќе од 10 милиони километри кабли распослани по дното на морињата и океаните,  а со нивна употреба би се овозможило набљудување на сеизмичката активност во претходно недостапни региони.

Но, пред да се достигне оваа цел, најнапред истражувачите треба да покажат собирањето на мерни податоци нема да пречи во преносот на примарните податоци низ оптичките кабли. Сега истражувањето е насочено токму во овој правец, во фаза каде мерењата се вршат со фибероптички кабли што сè уште активно се користат за пренос на Интернет податоци. Во моментов научниците на овој начин ги следат сеизмичките настани на геотермалната област во сеизмичката зона Браули, јужно од Салтонското Море, на југот од Калифорнија, САД.

Клучни зборови: