Вчера, со втората проекција, заврши 27 издание на Фестивалот на аматерскиот и документарен филм Камера 300. Сè уште не стивнуваат впечатоците од прикажаните и наградени филмови на овогодишниот Интернационален фестивал на аматерски документарен филм – социјалните мрежи се преполни со фотографии од средбите пред, за време и по прикажувањето на двете проекции на документарните филмови.
Во организација на филмскиот град на УНЕСКО, Битола, а по повод 55 години од смртта на Милтон Манаки, се одржа 27-миот ФАДФ Камера 300. Фестивалот е финансиран од Агенцијата за филм на Македонија и канцеларијата на Градоначалникот на Битола. Инаку фестивалот е одамна под заштита на УНЕСКО благодарение и на патронатот на УНИКА која е исто така под закрила на светската организација.
Согласно програмата, фестивалот започна од 16.октомври со формирање на филмската селекција од страна на интернационално жири во состав: Љупчо Петровски – Македонија, којшто во 2016 година се стекна со звањето Мајстор на аматерскиот филм на Кино сојузот на Македонија, доцент д-р Антонов Шумен – Бугарија, дипломираниот режисер Благојче Божиновски – Македонија, филмскиот критичар Јосип Грозданич од Хрватска и проф. д-р. Мишо Нетков – Македонија, вработен во Македонската телевизија и вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.
Согласно програмата, свеченото отворање на фестивалот се одржа на ден 1 ноември во 19 часот. Уводен збор даде Стефан Хаџи Антовски, а одлуката на жири-комисијата ја прочита проф. д-р Мишо Нетков. Пред званичното отворање, со музичка нумера настапи оркестарот со солист од Музичкото училиште Битола, а фестивалот за званично отварен го прогласи градоначалничката на град Битола, г. Наташа Петровска. Потоа, согласно протоколот, беа доделени наградите, признанијата и плакетите.
Гран при наградата му припадна на авторот Џејмс Калмерс од Велика Британија за “Реквием за Тин”, Златна камера 300 му припадна на авторот Диме Талевски Македонија за филмот “Литија”, Сребрена камера 300 ја освоија група автори од КК “Медарски Конник” од Бугарија за филмот “Уловено време”, додека Бронзена камера 300 им припадна на авторите Барбара и Бернхард Цимерман од Германија. Плакетата на УНИКА му припадна на авторот Петар Узуновски од Македонија за филмот “Струшкиот Дедо Мраз”.
Плакетата за камера му беше доделена на авторот Томе Љушев од Македонија за филмот ”Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум”, Плакетата за режија на авторот Горан Трифуновски од Македонија за филмот “Бранко Гапо”, а специјални плакети добија авторите Христијан Кочовски од Македонија за филмот “Да ја зачуваме нашата планета”, Љупчо Ристевски од Македонија за филмот “Последниот дограмаџија”, Томе Ристевски од Македонија за филмот “Скопски приказни” и Томе Љушев од Македонија за филмот ”Вечниот Бог”. Плакетата за репортажа и припадна на авторката Анита Кирбиш од Словенија за филмот “Птуј – место музеј и град со традиција“. Плакетата за идеја “Стево Сидовски“ ја освоија авторите Н. Петковиќ и В. Илиевска од Македонија за филмот ”Мека душа тврдо железо” .
Согласно програмата беа одржани 2 проекции – на 1 и 2 ноември, при што на отворањето се проектираа 9 филма, а следниот ден 7 филма. Како и вообичаено, вториот ден посетеноста беше намалена, веројатно поради тоа што овој датум се совпадна со денот на Задушница. Сепак, големо изненадување беше масовното присуство на младите љубители на документарниот филм од ОУ “Стив Наумов” и други основни и средни училишта, што впрочем е и поентата – светот на филмот им останува на младите творци.
Како што е и вообичаено, по првите проекции се организираше панел-дискусија по однос на прикажаните филмови и беше дадено кратко образложение за одлуката на жири-комисијата во поглед на редоследот на добиените награди.
Како што бев информиран, во тесен круг влегле 35 филма од 10 земји, што споредба со изминатите фестивали покажува знак за намален интерес за учество. Освен тоа, од страна на стручните лица, членови на жири комисијата, беше забележано дека за разлика од минатите години квалитетот на филмовите оваа година не беше на исто ниво. Еден стручен филмолог истакна дека истите филмови со подобра монтажа би биле далеку подобри.
Верувам дека забелешките ќе дадат позитивен импулс за идната работа на авторите. И да заклучам, организацијата помина во најдобар ред, а се надевам дека следната година ќе се пријават повеќе автори од земјата и од странство, со поквалитетни филмови.