За првпат, покрај историските статистики, постојат конкретни геолошки докази дека регионот на Истанбул во Турција може да го погоди голем земјотрес за релативно кратко време, но сè уште не е дефинирано колку е тоа кратко.
На 22 мај 1766 година, силен земјотрес го погодил градот Истанбул, оставајќи зад себе уништување и смрт. Записите од тоа време овозможуваат процена на ослободената енергија на тој настан, па се проценува дека земјотресот бил со магнитуда 7,5. Според сведоштвата, мошне прецизно е одредено и неговото потекло, северно-анадолскиот расед, којшто се протега низ внатрешноста на Мраморното Море, пред Истанбул, во правец на Грција. Оттогаш земјотресите прогресивно се преселија кон исток, а потоа од исток назад кон запад, во насока на Истанбул.
Од истражувачите на институтот Геомар во Кил, Германија, сега доаѓа едно предупредување. Во истражувањето спроведено во соработка со француските и турските истражувачи, сумирано во статијата објавена во Nature Communications, се објавува дека раседот, лоциран под Мраморното Море, веќе акумулирал голема количина енергија. Како што вели Дитрих Ланге, координаторот на студијата, оваа енергија е доволна за да предизвика "земјотрес со јачина од 7,1 до 7,4 степени во близина на Истанбул".
Северно-анадолскиот расед ја означува границата помеѓу евроазиската плоча, на север, и анадолската плоча, на југ. Во него се акумулира целата енергија и напнатост којашто настанува при лизгањето на двете плочи во контактната линија долж раседот. Оваа напнатост одвреме-навреме се ослободува со земјотрес. Да потсетиме, во 1999 година, силен земјотрес го погоди градот Измит, 90 километри источно од Истанбул.
Во последниве години, ова "акумулирање на енергија" беше следено исклучиво преку серија земјени ГПС станици. Системот е невозможно да се примени на море, бидејќи сателитските сигнали не допираат до дното на морето. За надминување на овој недостаток, системот беше комплетиран со серија детектори (акустични транспондери) поставени на длабочина од 800 метри долж двете страни на раседот. Ова овозможува директно мерење на деформацијата на морското дно на Мраморното Море, со грешка која не надминува еден милиметар. Истражувањето се темели на вкупно 650 000 мерења, спроведени во текот на две години. Врз основа на податоците, Ланге и неговите колеги наведуваат дека "раседот е затворен, што значи дека тензијата се акумулира и дека порано или подоцна ќе биде ослободена преку земјотрес којшто најверојатно со сета силина ќе го погоди градот Истанбул".