Темјанот, еден од трите подароци коишто мудреците ги донеле за да му оддадат почит на Исус, според легендата, се користи со милениуми при готвењето, а уште повеќе во религиозните церемонии на повеќе традиции и култури. Во христијанството, на пример, се смета дека чадот од темјанот што гори ги воздига молитвите сè до небото. Сега, овој карактеристичен земен мирис, што за милиони низ светот претставува синоним за причест и духовност, се наоѓа под закана. Имено, едно ново истражување предвидува дека во текот на следните 20 години човековата активност ќе предизвика пад од 50% во производството на темјан.
Темјанот се добива од смолата на дрвјата од родот бозвелија (Boswellia), кои воглавно растат како диви дрвја во Африка и Индија. Луѓето ја собираат смолата со засекување на кората на дрвјата. Потоа смолата се суши и се добиваат златно-жолтите зрна коишто се горат при религиозните обреди или, пак, се мешаат со други мириси и се користат како ароматизери на воздух. Но, сè поприсутните анегдотски докази укажуваат дека дрвјата се загрозени од прекумерната експлоатација и од растот на локалните популации.
Имајќи предвид дека андегдотските докази не секогаш се вистински показател за заканата, научниците проучиле 21 786 дрвја од родот бозвелија на 23 различни локации во Источна Африка. Притоа, со броење на годовите, била проценета и возраста на 202 дрва. Потоа, биле создадени компјутерски модели кои ги проектирале идните популации на овие дрвја. Добиените модели предвидуваат дека во наредните 15 години популацијата на дрвја за производство на темјан ќе се намали за зашеметувачки 50%! Понатаму се проценува и дека при продолжување на тековните трендови, во рок од 20 години понудата на темјан во светот ќе биде преполовена!
Резултатите од истражувањето беа објавени оваа недела во Nature Sustainability.
Прекумерната експлоатација и растот на човечката популација се секако главните виновници, а тука е и добитокот што непречено со движи низ дивата вегетација и се насладува со младите садници пред тие да ја досегнат возраста за производство на смола. Веќе израснатите дрвја на бозвелија, пак, честопати страдаат во оганот што го палат земјоделците, па така и оние малку садници што ги преживеале ‘нападите’ на стоката се губат во пожарот. Целосно развиените бозвелии ги убива и прекумерната експлоатација, од која се сушат и стануваат податливи за вгнездување на смртоносни штетници и болести.
Она што дава зрак надеж е тоа што научниците тврдат дека кризата на темјанот може да се спречи. Сè што треба да се направи е создавање на активна и директна заштита на дрвјата – оградување на клучните шуми за да се заштитат од стоката, едукација на локалните земјоделци за штетите од оганот и негова контрола, како и воведување на построги правила и контроли при екстракцијата на смола. Ако овие мерки не вродат со плод, тешко дека и молитвите ќе му помогнат на дрвото од кое се добива темјанот.