Хуавеи почна со поднесување на барања за регистрирање на заштитена трговска марка за нивната софтверска платформа со назнака HongMeng. Како што јавуваат од веб сајтот Android Central вакви барања веќе се поднесени во Канада, Европската унија, Мексико, Индија, Индонезија, Јужна Кореја, Тајланд и на повеќе други места.
Лансирањето на софтверската замена за Андроид од Хуавеи планираат да го направат најрано кон крајот на оваа година или на почетокот од 2020 година.
Како што веќе пишувавме, Хуавеи во мај се најде на листата од компании коишто добија забрана за технолошка размена од САД. Забраната кон Хуавеи стапува на сила на 19 август и со неа Хуавеи губи директен пристап до оперативниот систем Андроид и до Play Store апликациите за идните уреди. Но, за среќа, од Хуавеи веќе подолго време работеа и на развој на сопствен мобилен оперативен систем наречен HongMeng во Кина или Oak OS, како што ќе биде познат во остатокот од светот.
Од HongMeng се очекува да испорача целосна компатибилност за повеќе видови на уреди од телефони и таблети, преку телевизори, до компјутери и автомобили. Покрај ова од системот се очекува да понуди поддршка на Андроид апликациите, што значи дека некаде длабоко во неговата основа веројатно ќе го користи изворниот код на Андроид. Она што ги загрижува повеќето стручни следачи на настаните е тоа што независно од успешноста на основната платформа за идните корисници на Хуавеи неизвесна е употребата на Play центарот за апликации од Гугл. Имено, се дури е во сила забраната од САД за корисниците на Хуавеи пазарот за апликации ќе остане “сведен” на независни извори и автори. И токму тука е главниот камен на сопнување. Најголем дел од развојот и понудата на апликации врзани за онлајн продавницата на Гугл. И покрај тоа што Хуавеи веќе има нивна продавница за мобилни апликации прашањето што ги мачи сите е одговорот на заедницата којашто ги твори апликациите, колку тие ќе се вклучат во креирањето нови апликации за Продавницата на Хуавеи и колку од Хуавеи ќе се покажат отворени за ваков вид на соработка. Кинескиот пазар, и покрај делумната затвореност не е некоја голема сопка, но како работите ќе се одвиваат на глобално ниво, ќе покаже времето. Искуствата Хуавеи треба да ги црпи како од успехот на Андроид и iOS платформите така и од неуспехот на Windows платформата за мобилни апликации. А искуствата се следни: ако не си сосема отворен за соработка како Гугл или ексклузивен како Апл, ограничувањата на 'средината' е неатрактивна за програмерите и неодржлива без разновидноста на нивните апликации, независно од тоа колку се добри и напредни решенијата на платформата. Без оглед на тоа колку ќе биде добар или лош заменскиот оперативен систем на Хуавеи, тој ќе заживее или ќе умре во зависност од понудата на апликациите достапни за него.
Во поглед на развојот на уреди Хуавеи ги очекуваат и други сопки. Имено, забраната на САД опфаќа и неколку големите производители и снабдувачи на хардверски компоненти, како Интел, ARM, SD Card Асоцијацијата, Qualcomm и Мајкрософт.
Иако дел од експеритите коишто ја следат ситуацијата се речиси убедени дека Хуавеи, како технолошки гигант и како компанија којашто веќе има стекнато голем број на верни клиенти, има сили да се извлече од наметната криза сепак, некои гледаат со скептицизам кон можноста оваа компанија да излезе како победник од оваа битка. Она што е извесно е дека следи период на напорна работа и борба за задржување на корисниците и освојување на нови пазари.
Секако, муабетов паѓа во вода ако до средината на август дојде до постигнување на некој вид на трговски договор помеѓу САД и Кина, по којшто би следело и евентуално укинување на забраната за Хуавеи.