Малечката жаба тикварка (Brachycephalus ephippium) од Бразил има огнено портокалова боја, помала е од паричка од еден денар и има толку лош слух што не може да ги слушне ни повиците за парење од припадниците на својот вид. Токму поради ова, досега беше мистерија како овие минијатурни водоземци успеваат да пронајдат партнер среде хаосот од паднати лисје и вегетација што го препокриваат тлото на дождовната шума.
Научниците коишто ја истражуваа оваа акустична загатка открија нешто сосема неочекувано: малечкото жапче има способност да свети. Како што пишува во извештајот објавен минатата недела во Scientific Report, грбот и главата на жапчето сјаеле кога биле осветлени со ултравиолетова (УВ) светлина. Можеби токму оваа особина им помага на малечките животинчиња да успеат во нивната потрага по љубов во мракот на тропската прашума.
За да ја проверат оваа теза истражувачите ќе треба да испитаат дали жабите ја гледаат светлината што ја емитуваат. Бледата светлина има изненадувачки извор – флуоресцентниот скелет на жабата којшто свети низ проѕирните делови на нејзината кожа. Ако се утврди дека жабата тикварка не може да ја види УВ светлината, тогаш истражувачите претпоставуваат дека е можно “светлечките” коски да служат како предупредување за отровноста на жабата, карактеристика што би ги одбила потенцијалните предатори.