Роверот Кјуриосити којшто по површината на Марс талка уште од 2012 година е опремен со специјални филтри за леќите на неговата камера Mastcam, што му овозможуваат директно набљудување на Сонцето. Во текот на последниве неколку недели Кјуриосити се послужи токму со нив за да ни испрати повеќе спектакуларни фотографии коишто покажуваат како изгледа затемнувањето на Сонцето набљудувано од површината на Марс. Настаните се последица од одделниот транзит на двете месечини Дејмос и Фобос пред сончевиот диск.
Фобос, со неговиот пречник од едвај 22,2 километри, беше фатен од камерите на 26 март оваа година, односно на 2359 сол од престојот на Кјуриосити на Марс. Дејмос, којшто е уште помал, со пречник од 12,6 km километри, беше фотографиран неколку дена претходно, на 17 март, односно на 2350 сол. Фобос не го покрива во целост сончевиот диск, па така ова затемнување се смета за ануларно, односно прстенесто затемнување на Сонцето. Со оглед на димензиите на Дејмос во однос на Сончевиот диск, неговото “исперчување” пред Сонцето и не може баш да се нарече еклипса, туку посоодветен научен термин би бил транзит.
Со помош на камерите од Кјуриосити и останатите ровери научниците досега имале повеќе прилики за набљудување на сончеви еклипси на Марс. Овие настани им помагаат на истражувачите во допрецизирањето на нивните познавања за орбиталните патеки на секоја од месечините. До денес камерите на Спирит, Опортјунити и Кјуриосити фатиле во кадар вкупно четириесетина набљудувања на Фобос. Сè уште има извесна маргина на неизвесност во врска со орбитата на двете месечини на Марс, но се секое ново набљудување овие маргини стануваат се помали и помали.