Објект што не емитува светлина и е оддалечен 13 милијарди светлосни години, прилично тешко се забележува. Но, еден тим од јапонски астрономи со помош на 8-метарскиот телескоп Субару лоциран на врвот Мауна Кеа на Хаваите, го направи токму тоа, и тоа не еднаш туку 83 пати!
На екипата и појде од рака да пронајде токму толку – 83 џиновски црни дупки, што потекнуваат од времето кога староста на целиот универзум изнесувала само 5% од сегашната возраст. Лоцирањето на овие масивни црни дупки значително го зголеми бројот на познати тела од овој вид. Откриените објекти се сите супермасивни црни дупки, оној вид што најчесто демне во центарот на некоја галаксија и што тежи неколку милиони или милијарди пати повеќе од нашето Сонце.
Во моментот кога еден ваков ‘ѕвер’ активно го вшмукува материјалот од околната галаксија, тогаш тој гас, непосредно пред да биде проголтан од масивниот гравитациски бунар, се загрева до огромни температури. Токму овој процес го оддава присуството на гасот што може да се забележи како силна светлина која, понатаму, го издава постоењето на црната дупка во негова непосредна близина. Ваквите светли галаксии, познати како квазари, се најоддалечените познати објекти.
Она што останува мистерија е како една толку голема црна дупка можела да се формира кога универзумот бил помлад од една милијарда години. Додавањето на 83 нови квазари во познатата популација на вакви објекти, вклучувајќи ги и оние од времето кога универзумот бил стар само 750 милиони години, само ја продлабочува оваа мистерија, бидејќи постоењето на ваквите гиганти се чини дека е правило, а не исклучок.
Откритието е презентирано во 5 различни научни труда во Astrophysical Journal Letters, од кои последниот беше објавен минатиот месец .