Користејќи ги податоците добиени во 2015 година при прелетот на Нови Хоризонти над Плутон и Харон, научниот тим предводен од научници од Југозападниот истражувачки институт, откри индиректен показател којшто јасно укажува на недостатокот од многу мали по димензии објекти во Кајперовиот појас.
Доказите за малата полулација на мали објектите од Кајперовиот појас пристигнаа од снимките направени од сондата Нови хоризонти, на коишто јасно се забележува недостатокот од мали кратери на површината на Харон, најголемиот сателит на џуџестата планета Плутон. Ова укажува на реткоста на објектите со пречник од 100 m до околу 1,5 km, коишто при ударот во површината би направиле помали кратери.
Кајперовиот појас е регионот исполнет со ледени тела, којшто лежи зад орбитата на Нептун. Имајќи предвид дека се смета оти малите објекти од Каперовиот појас претставувале дел од "масата" од којашто се формирале планетите, ова истражување носи нови сознанија за настанокот на Сончевиот систем. Истражувањето беше објавено денес во престижното научно списание Science.
Кратерите на површината од објектите во Сончевиот систем претставуваат своевиден запис за влијанието на помалите тела, обезбедувајќи показатели за потеклото на објектот и неговото минато. Со оглед на оддалеченоста на Плутон од Земјата, малку беше познато за површината на оваа џуџеста планета, сè до прелетот на Нови Хоризонти во 2015 година. Набљудувањата на површините на Плутон и Харон открија мноштво релјефни карактеристики, вклучувајќи планини високи и до 4 km, како и огромни глечери од азотен мраз. Геолошките процеси на Плутон ги избришале или ги промениле некои од доказите за ударите на астероиди во неговото минато, но речиси непостоечката геолошка активност на Харон обезбеди стабилен запис за ваквите удари.
Типичните планетарни модели кажуваат дека пред 4,6 милијарди години, Сончевиот систем се формирал при гравитацискиот колапс на џиновски молекуларен облак. Сонцето, планетите и другите објекти, се формирале со собирање, трупање и “лепење” на материјалот од облакот во распаѓање, во процесот познат како акреција. Различните модели за настанокот на Сончевиот систем даваат различни популации и локации на објектите во неговите рамки.
"Изненадувачкиот недостаток од мали објекти во Кајперовиот појас го менува нашето гледиште за него и покажува дека неговото формирање или еволуција, а можеби обете, се одвивале малку поинаку од она на астероидниот појас сместен помеѓу Марс и Јупитер", вели д-р Келси Сингер, автор и истражувач вклучен во мисијата Нови Хоризонти на НАСА. "Можеби астероидниот појас има побројни мали тела од Кајперовиот појас, бидејќи неговата популација доживеала повеќе судири при коишто поголемите објекти се разбиле на помали".