Рубрика: Медицина
Премногу телевизија е штетно... за постарите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.03.2019 - 11:30

Оние над одредена возраст можеби ќе се сетат дека до пред некоја деценија редовна ‘беседа’ на нивните родители беше “Доста гледаш телевизија, ќе ти закржлави мозокот!” Сега, конечно има потврда дека нивните родители биле (и сè уште се) во право во врска со гледањето премногу телевизија.  

Истражувањето спроведено од страна на Дејзи Фенкур и Ендрју Стептоу, од University College во Лондон, го испита ефектот што гледањето телевизија го има кај луѓето постари од 50 години. Како што укажуваат овие научници, повеќето од досегашните истражувања што ја испитувале врската меѓу телевизијата и способноста за размислување, пред сè биле фокусирани на децата и адолесцентите, додека постарите генерации биле изоставени.

При нивното истражување, научниците ги користеле податоците од постојниот континуиран проект Англиско продолжено истражување на стареењето (English Longitudinal Study of Ageing), којшто собира податоци во врска со здравјето, благосостојбата и економскиот статус на луѓето над 50. година во животот.

Како појдовна точка во истражувањето биле анализирани податоците добиени од 3662 повозрасни луѓе во 2008 и 2009 година, а се однесуваат на нивните навики за гледање телевизија. Потоа, истражувачите ги погледнале податоците добиени во наредните шест години, следејќи го падот на когнитивните нивоа кај истата група во 2014 и 2015 година.

Она што го откриле е дека луѓето што секојдневно гледале телевизија повеќе од 3,5 часа, искусиле пад во вербалната меморија – способноста да се сетат на зборовите и да ги следат јазичните шеми. Ефектот бил најизразен кај оние што на почетокот покажале високо ниво на вербална меморија.

Сепак, со оглед на тоа што се работи за опсервациско истражување, не може со сигурност да се потврди дека намалувањето на јазичните способности е директна последица од преобемното гледање телевизија. Но, Фенкур и Стептоу укажуваат дека дури и по елиминирањето на останатите фактори со можно влијание, како што се менталното и физичкото здравје и социо-економскиот статус, врската помеѓу гледањето телевизија и намалената способност за искажување и понатаму останала цврста.

Интересно е што резултатите не се поврзани со износот на времето поминато во седење. Во многу претходни истражувања што го следеле ефектот на телевизијата врз менталното и физичкото здравје, директно се претпоставува дека чинот на гледање телевизија значи поминување на поголем дел од времето во седечка положба. Ова истражување укажува дека поминувањето на поголем дел од времето во фотелја и зјапање во ТВ-приемникот носи две различни последици.

Според Фенкур и Стептоу, штетата што ја предизвикува долготрајното гледање телевизија можеби настанува поради природата на самиот медиум. Имено, за разлика од стимулациите што мозокот ги има при користењето интернет, гејмингот, па и при читањето книга, телевизијата нè подложува на пасивно примање на информациите во вид на слики, звуци и акција. Проблемот можеби се крие токму во оваа пасивна интеракција.

За разлика од гледањето телевизија, повеќе истражувања укажале на благодетите што видеоигрите и интернет пребарувањето и ‘сурфањето’, барем во поглед на конгнитивните способности.

Истражувањето е објавено во научното списание Scentific Reports.
Постојат непотврдени гласини дека процесот на истражувањето наскоро ќе биде преточен во ТВ-сапуница ;)

Клучни зборови: