Јадењето многу кромид, лук и праз е поврзано со намален ризик за развој на рак на дебелото црево, открива едно кинеско истражување спроведено на повеќе од 1600 волонтери.
Како што се знае веќе од поодамна, зеленчукот од родот allium, содржи неколку биоактивни соединенија познати како фитонутриенти, вклучувајќи и флавоноиди богати со сулфур, кои се поврзуваат со антибактериски, анти-габични и антиоксидантни дејства кај луѓето.
Со цел да ја истражат врската помеѓу зеленчукот од родот алиум и ракот на дебелото црево, истражувачите предводени од Ксин Ву од Првата болница на кинескиот Медицински универзитет во Шенјанг, во претходните 12 месеци ја споредувале исхраната на 833 пациенти со колоректален карцином и на 833 здрави луѓе. Во двете групи имало волонтери со приближно иста возраст, пол и место на живеење.
Резултатите покажале дека ако се исклучат ризичните фактори, како што се пушењето, семејната историја на колоректален карцином, алкохолот и исхраната, јадењето зеленчук од родот алиум е поврзано со 50% до 80% намалување на ризикот од колоректален карцином. Истражувањето е објавено во Asia-Pacific Journal of Clinical Oncology.
Мери Флин, истражувачки диететичар и вонреден професор по медицина на Универзитетот Браун во САД, вели дека се работи за интересно истражување. Но, таа додава и дека е битно да се забележи дека кај пациентите имало повисока стапка на семејна историја со колоректален карцином за разлика од контролната група, односно 5,9% наспроти само 1,0%. Пациентите со дијагностициран рак, исто така, пушеле повеќе, внесувале повеќе калории и пријавиле дека јадат помалку овошје, друг зеленчук и млеко, а во исхраната вклучувале повеќе алкохол и речиси двојно поголемо количество на црвено месо, споредено со контролната група.
Иако врската со зеленчукот од родот алиум останала и по вклучувањето на овие разлики во анализите, треба да се има предвид дека внесувањето на поголемо количество црвено месо и намалениот внес на храна од растително потекло, веќе претходно се поврзани со зголемување на ризикот за развој на рак на дебелото црево.
Флин забележува дека она што ја прави студијата релевантана е процената за влијанието што го имаат голем број намирници. Сепак, забележува и дека разликата во внесувањето на зеленчук од родот алиум кај пациентите и кај контролната група не била огромна. Имено, едните внесувале во просек 43,6 грама на ден, наспроти 58,5 грама кај другите, или поинаку кажано разликата е иста како помеѓу јадење на три и пет чешниња лук на ден.
Зеленчукот од родот алиум ги опфаќа кромидот, празот, лукот, малите кромитчиња, пролетниот лук , празот, но и дивиот кромид, а во нивните вкусови и медицински благодети уживаме повеќе од 4000 години.
Неодамна, едно друго лабораториско истражување коешто не вклучувало тестирања на животни и на луѓе, покажа дека алиумските соединенија, кои содржат сулфур, со своите антиоксидантни и антимикробни својства можат да се борат против туморите во секоја фаза од нивното формирање, на тој начин што го инхибираат растот на предканцерозни клетки и ги задушуваат микро-средините кои го промовираат туморот.
Корисните соединенијата се ослободуваат при сечење или смачкување на свежиот зеленчук, а ефектите може да се намалат при готвењето.
Неколку истражувања спроведени кај популациски групи луѓе веќе ги испитувале врските помеѓу зеленчуците од родот алиум со намалениот ризик за развој на повеќе различни видови рак, вклучувајќи рак на панкреасот, на простата, на градите и, секако, колоректален карцином. Но, наодите од овие истражувања се мешани – додека едни тврдат дека зеленчукот го намалува ризикот од развој на рак на дебелото црево, други не нашле доволно докази што би оделе во прилог на ова тврдење.
Ву и колегите укажуваат дека недоследностите на заклучоците може да се припишат на разликите во спроведувањето на истражувањата.