Заедничкото истражување на австралиските и кинеските астрономи утврди дека формата на Млечниот Пат е “мааалку” поизвитоперена од онаа што си ја претставувавме досега. За волја на вистината, тридимензионалната форма на галаксијата во која живееме одамна е мистерија, поради природните тешкотии во обидот да се утврди формата на кој било објект, ако располага само со можноста за внатрешни мерења (поглед „однатре“). Задачата е приближно слична на обидот да се одреди обликот на Балканскиот Полуостров додека стоите во вашиот двор, да речеме, во Битола или Скопје.
Од овие причини, повеќето претпоставки за формата на Млечниот Пат се засноваат во најголем дел на аналогија со формите од другите. Со оглед на тоа што нашата галаксија е спирална, следниот логичен чекор е претпоставката дека таа веројатно има иста тридимензионална форма како и другите спирални галаксии. Најблиската од овие е галаксијата Андромеда, којашто воедно може и лесно да се набљудува. Нејзината форма е мошне рамна, налик на палачинкa.
Благодарение на истражувањата предводени од Ричард де Грајс (Richard de Grijs) од австралискиот Универзитет Меквери и Сјаодиан Чен (Xiaodian Chen) од Кинеската академија на науките во Пекинг, сега е јасно дека нашата галаксија баш и не е многу “палачинкeста”.
За прецизно да го измерат обликот на галаксијата, истражувачите ја внеле позицијата на 1339 цефеиди, големи пулсирачки ѕвезди, секоја од нив 100000 пати посјајна од Сонцето. Бидејќи нивната сјајност многу малку варира, овие ѕвезди функционирале како референтни точки при потфатот на гигантското мапирање.
Истражувањето ги зема предвид и следниве три релевантни значајни компоненти на Млечниот Пат: дека се работи, во најголем дел, за гасен водороден диск; дека претставува ѕвезден диск којшто ја содржи видливата материја на системот; се зема предвид и големата количина на темна материја. Веќе неколку години е познато дека дискот од водород е со извитоперена форма, но останува нејасно дали има каква било врска меѓу неговата форма и онаа на ѕвездениот диск.
Споредувајќи ги растојанијата помеѓу цефеидите од Млечниот Пат со оние што се наоѓаат во другите галаксии, чии форми лесно може да се потврдат со директни набљудувања, Чен, Де Грајс и нивните колеги откриле дека нашиот матичен систем, тргнувајќи од центарот кон краевите, сè повеќе се извитоперува и усукува.
Истражувачите велат дека нивните докази "укажуваат дека извитопереноста се должи на вртливиот момент којшто се создава од масивниот внатрешен диск".
Наодите можат да помогнат да се ограничат и допрецизират можностите за големината, обликот и природата на најголемата компонента што влегува во составот на галаксијата.
"Поголемиот дел од материјата во Млечниот Пат е темна материја, којашто претставува суштински дел од нашиот универзум", вели де Грајс. "Но, ние немаме апсолутно никаква идеја за природата на темната материја или дури и каде таа се наоѓа. Нашето истражување коешто го открива обликот на Млечниот Пат, може да помогне да се одреди начинот на којшто темната материја е распределена во нашата галаксија."
Истражувањето беше објавено во Nature Astronomy