Една група научници астрономи на 7 јануари оваа година, во списанието Astronomical Journal, објавија дека детектирале интересна далечна егзопланета во орбитата околу една од ѕвездите во бинарен ѕвезден систем, именуван К2-288, којшто се наоѓа во соѕвездието Бик (Taurus), оддалечен од Земјата 226 светлински години. Според анализите на расположливите податоци, научната група претпоставува дека откриената егзопланета е потенцијално “животна” (habitable) планета, т.е. на неа е можно постоење на живот. Откритието е направено со употреба на вселенскиот орбитален телескоп на НАСА, Кеплер.
Наведениот бинарен ѕвезден систем е составен од 2 полуоладени и бледникави ѕвезди – едната е посјајна, со маса колку половина од масата на нашето Сонце, а другата е помалку сјајна, со големина колку една третина од Сончевата маса. Тие ѕвезди се во спрега, на меѓусебно растојание од околу 8,2 милијарди километри, што изнесува 6 пати колку растојанието помеѓу Сонцето и планетата Сатурн. Наведената новооткриена егзопланета орбитира околу помалата, потемната ѕвезда, и според називот на ѕвездениот систем, таа е наречена K2-288Bb.
Интересен е начинот како е детектирана таа новооткриена егзопланета. Таа е откриена, како што кажавме, при мисијата Кеплер 2, која се одвиваше во времетраење од 2014 до 2018 година. Во текот на тој период, истражувачката екипа го следеше однесувањето на наведениот ѕвезден систем, концентрирајќи се да евидентира периодична промена во нивниот светлински сјај, што претставува сугестија дека некоја егзопланета поминува пред ѕвездата, па така го намалува нејзиниот сјај (види го графиконот во прилог). Имено, тоа е метод којшто астрономите го нарекуваат транзитен метод. За да се утврди откривање на нова планета, според овој метод, нужно е да се евидентираат најмалку 3 такви периодични промени во светлинскиот сјај на ѕвездата, што кореспондира на 3 транзитни поминувања на некоја планета пред нејзината матична ѕвезда. Токму тоа го евидентирала екипата и на тој начин ја открила егзопланетата K2-288 Bb.
Потоа, со анализа на расположливите податоци, екипата утврдила дека таа орбитира во т.н. “животна зона” со периода од 31,3 дена. Да објасниме, животната зона е дефинирана како растојание од матичната ѕвезда до планетата, на коешто растојание водата на површината на таа планета се одржува во течна состојба, што е основен услов за постоење на живот. Нејзината периода на орбитирање е мошне невообичаено куса во споредба со периодата на нашата Земја, меѓутоа, врз основа на тоа истражувачите заклучиле дека по својот состав, таа треба да е т.н. каменеста планета. Нејзината маса ја пресметале на 1,9 Земјини маси, па според тоа, таа припаѓа во категоријата т.н. Супер Земја.
Како финален заклучок, врз основа на сите пресметки, истражувачите утврдиле дека таа планета ги исполнува условите за поддржување на живот, па ја вброиле во типот на животно-поддрѓувачки планети.