Канадскиот интерферометарски телескоп CHIME, сместен на територијата на Британска Колумбија, ја надмина својата првобитна намена за набљудување на космичкото заднинско зрачење и се насочи на откривањето изблици од радиосигнали од длабоката вселена. На 7 јануари, Американското астрономско друштво објави дека по вторпат со помош на CHIME е детектиран повторувачки радиосигнал, чијшто извор се крие некаде во длабоката вселена, на 1,5 милијарди светлосни години од нас.
За претходно детектиран сигнал од CHIME пишувавме тука. Изворот на брзите изблици на радиозрачења може да е најразличен – од експлозии на ѕвезди длабоко во вселената, па сè до радиоемисии од некоја вонземска цивилизација. Но, со оглед на тоа што може да се обезбедат малку докази за нивното потекло, засега нивната појава останува во доменот на мистеријата.
Траењето на овие изблици на радиосигнали вообичаено се мери во милисекунди, но за овој кус временски интервал, тие испорачуваат енергија еквивалентна на енергијата што Сонцето ја создава во текот на една година.
Она што најмногу ги возбуди астрономите е што последниот забележан изблик на радиосигнали се повторил дури шестпати, а емисијата потекнувала од иста локација. Откако се набљудува небото во доменот на радиоемисиите, досега биле забележани вкупно шеесетина брзи изблици на радиосигнали, а претходно бил забележан само еден повторлив сигнал, во 2012 година.
Забележувањето на два повторувачки сигнали во рок од само неколку години укажува оти е многу веројатно дека човештвото ќе детектира “значајна популација” на сигнали од овој вид, пишуваат истражувачите во еден од двата труда објавени во списанието Nature оваа недела.
Податоците од двата детектирани рафални изблика би можеле да им помогнат на научниците да ја осознаат разликата меѓу единечните и повторливите изблици, да разберат повеќе за нивниот извор и како поефикасно да ги откријат и да ги набљудуваат идните изблици на радиосигнали.
Во период од само три недели, истражувачите забележале околу 13 изблици на радиосигнали, од коишто добиле голем број нови податоци коишто ќе помогнат за откривање на нивниот извор, независно дали тој се крие во некоја екстремна или невообичаена средина или, пак, можеби потекнува од мистериозната технологија на некоја вонземна цивилизација којашто се емитува од длабочините на космосот.
Од тринаесетте новодетектирани радиосигнали, најмалку седум се забележани во опсегот на 400 MHz, досега најниска забележана фреквенција на емисии од космосот. Ова укажува на тоа дека можеби да постојат многу повеќе радиосигнали со космичко потекло, но нивната фреквенција е премногу ниска, што ги прави невидливи за опремата на CHIME.