Софтверска грешка на орбитерот можеби сигнализирала присуство на вода на места каде ја нема. Имено, начинот на обработка на податоците добиени од МРО (Mars Reconnaissance Orbiter) на НАСА можеби е виновен за лажните податоци од вселенското летало. Па така, присуството на хидрирани соли на некои места можеби е непостоечко, јавија планетарните научници во онлајн изданието на Geophysical Research Letters на почетокот од овој месец.
Отсуството на соли може да значи дека одредени локации посочени како места каде денес би можел да постои живот на Марс најверојатно се суви и безживотни, вклучувајќи ги тука и наодите за течна вода на ѕидовите од марсовските кратери.
Елен Лиск од Калтек и нејзините колеги го откриле проблемот додека барале хидрирани соли наречени перхлорати на мапите на Марс добиени со спектрометарот на орбитерот. Перхлоратите може да ја намалат точката на мрзнење на водата и за цели 80°C, што можеби е доволно за топење на мразот во студената клима на Марс.
И лендерот Феникс и роверот на Кјуриосити открија мали количини на перхлорати во почвата на Марс. За да проверат дали солите ги има и на други локации научниците ги употребиле мапите добиени со помош на спектрометарот CRISM (Compact Reconnaissance Imaging Spectrometer for Mars) на МРО, коишто ги прикажуваат стотиците бранови должини на светлината што се одбива од површината на планетата откривајќи го на овој начин хемискиот состав на тлото. Ова е возможно поради тоа што различните минерали во почвата апсорбираат различни делови од спектарот на видливата светлина.
Во 2015 година, планетарниот научник Луџендра Оџа од Универзитетот Џон Хопкинс и неговите колеги, направија бум со објавата дека користејќи податоци од CRISM забележале перхлорати во ефемерните темни ленти на падините од Марс. Резултатите нашироко беа толкувани како знак дека и денес на Марс може да постои течна солена вода.
Но, камерата на инструментот CRISM не функционира совршено. Некои сенки на границите помеѓу светлите и темните површини, коишто се јавуваат, на пример, на рабовите од некоја карпа, може да бидат погрешно прочитани. Некои пиксели во камерата на орбитерот реагираат во дел од милисекунди на промената на бојата на површината, но некгаш и тоа не е доволно брзо па така на некои делови од сликата се покажува дополнителна светла или темна точка на местото каде што таа не постои. Планетарните научници имаат софтвер што ги корегира овие “скокови” во спектарот и ги прави податоците посигурни и полесни за читање.
Но, како што одткрива тимот на Лиск и Елман, корекцијата понекогаш создава падови во спектарот на истите бранови должини карактеристични за присуството на перхлорати.
Проблемот станал видлив при потрагата по ситни знаци за присуство на соли на сликите добиени од CRISM. Под претпоставка дека орбитерот веќе би ги забележал големите наслаги на перхлорати, доколку тие постојат, тимот напишал алгоритам за наоѓање на помали траги кои покривале помалку од 10 пиксели во сликата. И одеднаш перхлоратите станале присутни насекаде, вклучувајќи го и кратерот Језеро, којшто е избран за место каде треба да слета роверот Марс 2020 (за него поопширно во друга прилика).
Ако Марс 2020 слета близу до средина којашто има потенцијал за одржување на некаков вид на живот, тимот на роверот ќе треба тешка задача беспрекорно да го стерилизира вселенското летало, како би се избегнало случајно загадување на водата во тлото на Марс со микроби на Земјата
Но, по поблиска проверка, Лиск и нејзините колеги забележале дека перхлоратите се појавуваат и на места каде, од геолошка гледна точка, нема никаква смисла солите да се формираат. Ова направи тимот да се посомнева дека е можно алгоритамот за корекција на спектралните фотографии да воведува грешки во податоците.
Со месеци внимателно бил испитуван секој пиксел во сировите податоци којшто укажувал на присуство на перхлорат, пред примената на корекцијата за отстранување на “скоковите”. Научниците уште веднаш се посомневале дека некои од откриените траги на перхлорати не се реални.
Но ова не значи дека перхлоратите не постојат, туку можеби ќе биде потешко да се препознаат. Хенли и нејзините колеги работат на посигурен начин за идентификување на присуството на сличните соли на Марс врз основа на повеќе докази, одделно од спектралните фотографии.