Дали повеќе сакате да пиете кафе или чај, всушност, е прашање на генетиката на вкусот, така барем велат најновите истражувања.
Луѓето со верзија на генот што ја зголемува чувствителноста на горчливиот вкус на кофеинот имаат тенденција да бидат кафеџии, вели трудот објавен минатата недела во Scientific Reports. Како што откриваат истражувачите, 'чајопиите' се помалку чувствителни на горчливиот вкус на кофеинот, но имаат верзии на гени што ја зголемуваат чувствителноста за горчливост на други состојки.
Во новото истражување биле испитувани ДНК-варијантите на гените вклучени во откривањето на горчливиот вкус на неколку хемиски состојки – кофеинот, кининот (што го дава горчливиот вкус на тоникот) и пропилтиурацил, или PROP (синтетичко хемиско соединение што природно не може да се најде во храната и во напивките). Други горчливи состојки, кои природно се наоѓаат во кафето и во чајот, можат да го произведат истиот вкус како при вкусување кинин и PROP.
Истражувачите во Австралија, САД и во Англија испитувале ДНК од повеќе од 400 000 учесници во британската Биобанк, којашто претставува склад за генетски податоци наменети за медицински истражувања. Учесниците понудиле и други информации во поглед на нивното здравје и начин на живот, вклучувајќи и податок за секојдневно испиената количина на чај или кафе.
Тимот ги додал варијантите од секое лице во податоците за гените за вкус, со што добиле генетски резултат за тоа со колкав интензитет лицето го чувствува вкусот на секоја од горчливите состојки. Истражувачите потоа ги споредиле тие резултати со омилените пијалаци на луѓето.
Според добиените пресметки, луѓето со највисок генетски резултат за откривање на горчливста на кофеинот имале 20 % поголеми шанси да бидат тешки кафеџии, испивајќи по четири или повеќе филџани дневно, за разлика од оние со помала чувствителност.
Истражувачите првично сметале дека луѓето кои се генетски склони да го почувствуваат горчливиот вкус со поголем интензитет ќе имаат навика да ги избегнуваат горките пијалаци, но ефектот бил сосема спротивен. "Во овој случај, чудно е што бараме кофеин", вели Мерилин Корнелис коавтор на трудот, нутритивен и генетски епидемиолог на Факултетот за медицина Фајнберг во Чикаго.
Кафеџиите можеби научиле да уживаат во горчината на кофеинот, бидејќи тоа е знак на задоволството што го обезбедува хемикалијата. Но, чајопијците, всушност, можеби не ја поднесуваат горчливоста на PROP и на кининот, вели Корнелис. Наместо тоа, луѓето имаат навика да пијат или кафе или чај, па резултатот од чајот може да е резултат на одбивност кон кафето.
Засега не е јасно колку голема улога играат гените за горчлив вкус при одредувањето на изборот на пијалак, барем кога се работи за кафето и чајот. Но, кога се работи за предодреденоста за одредување на испиената количина кафе или чај, можеби поголема улога во овој процес имаат гените вклучени во разложувањето на кофеинот.