Додека ние се расправаме со политичките кашканици од нашето секојдневие, Словенците отидоа далеку, ама навистина далеку, до вселената. Имено, уште во 2010 година, Словенија потпишува договор за соработка со Европската вселенска агенција, а од пред две години стана и нејзина придружна членка. Некаде во 2010 година, Словенците го формираат и телото SPACE-SI – Slovenian Centre of Excellence for Space Sciences and Technologies.
Словенечкиот центар за вселенски истражувања, според нивниот веб-сајт, го формираат 5 академски институции и истражувачки центри (Факултетот за природни науки и инженерство, Електротехничкиот факултет и Факултетот за физика и математика, сите при Универзитетот во Љубљана, Научниот истражувачки центар при Словенечката академија на науката и уметностите и Институтот Јожеф Стефан), 5 приватни технички компании (DEWESoft, Sinergise, TIC – LENS, Impol и Iskra TELA) и една осигурителна агенција (Осигурителна компанија Марибор).
Планирано е центарот да учествува во повеќе меѓународни вселенски мисии и да учествува во меѓународната соработка за нивно остварување (мисиите Rave, GAIA, Kepler, Planck, Swift и Fermi), но и да учествува во развојот на нови технологии за интерактивно скенирање од далечина (LAPAN-TUBSAT) и за автономно летање во формација (PRISMA).
Во оваа насока е и веста дека Словенците веќе следната година ќе ги лансираат своите први сателити. За волја на вистината, едниот од нив, NEMO-HD, е дел од соработката со Канадската вселенска агенција и се склопува во просториите на Лабораторијата за астронаутика на Институтот за авиоинженерство и вселенски летови при Универзитетот во Торонто, но развојниот дел, како што велат од SPACE-SI, е словенечки.
Сателитот NEMO-HD претставува дополнување на европскиот систем Коперникус, наменет за собирање податоци за потребите на урбанистичкото планирање, екологијата, земјоделството, шумарството и транспортот. Микросателитот е тежок 65 kg. Опремен е со два инструмента за фотографирање во четири спектрални подрачја, едниот со панорамско изострување и можност да фотографира површина со пречник од 10 km, додека другиот инструмент е со многу пошироко видно поле. Двата инструмента, покрај фотографии, ќе можат да направат и HD видеоснимки со 25 слики во секунда. Притоа, видеоматеријалот ќе биде достапен во реално време, во моментот на снимањето.
Сателитот Трисат ќе ја снима Земјата од висина од 600 километри и со маса од само 4,4 kg претставува наносателит. Трисат ќе ја обиколува Земјата од 14 до 16 пати во текот на денот, во насока од југ кон север. Сателитската базна станица за негово следење веќе е инсталирана на покривот од Факултетот за електротекника, компјутерски науки и информатика при Универзитетот во Марибор. Планирано е еднаш дневно базната станица да искомуницира со сателитот и, по потреба, да ги прими податоците од него.
Сателитите треба да бидат лансирани следната година, од страна на компанијата Аријана спејс.