Излевањето на нафтата е тежок проблем за локално зафатените екосистеми. Досега не е откриен високоефикасен метод за чистење на околината по излевањето, а некои од методите, како што е, на пример, палењето на нафтата, дополнително ја загадуваат средината. Сега истражувачите понудија едно ново потенцијално решение – сунѓери направени од дрво коишто селективно ја впиваат нафтата, можат да апсорбираат 40 пати поголема тежина од нивната и, што е уште побитно, можат да се употребуваат повеќекратно.
За правење на сунѓерите, научниците започнале со балза, материјал што им е добро познат на моделарите. Со употреба на повеќе хемикалии биле отстранети клеточните ѕидови на дрвото и полимерите лигнин и полуцелулоза, коишто на материјалот му ја даваат крутоста и цврстината. Крајниот резултат бил високопорозен материјал со густината еднаква на една третина од онаа на балзата. Добиениот материјал го премачкале со слој што ја одбива водата, но ја пропушта нафтата.
Тимот ги тестирал нивните сунѓери на повеќе видови нафтени производи, како моторното масло и индустрискиот растворувач дихлорометан, коишто ги истурил во вода. Сунѓерите ги впивале разлеаните супстанции во количини од 16 до 41 пати поголеми од нивната тежина. Што е уште побитно, откако сунѓерот бил исцеден тој можел одново да се употреби уште десетина пати. Откритието е објавено во месечниот број на ACS Nano.
Технологијата ветува многу во поглед на ефикасното справување со нафтените дамки во морињата коишто настануваат при излевањето на сировата нафта во морето. Но, како што велат и самите истражувачи, пред теренската употреба сè уште се потребни низа тестови.