Луѓето го населувале Мадагаскар околу 6 000 години порано отколку што досега се сметаше, велат научниците. Првите доселеници ловеле огромни птици што не можат да летаат, а коишто во тоа време живееле на овој југоисточен африкански остров. Од ловот на овие птици останати се белези – траги од касапење на пронајдените птичји коски, што им овозможило на научниците да го одредат новото време во коешто островот бил населуван.
Посекотините и скршениците на претходно ископаните коски од стапало и нога на еден од исчезнатите видови птици од Мадагаскар се последица на убивање на птицата и сечење делови од неа со помош на алат од камен пред најмалку 10 500 години, тврдат палеонтологот Џејмс Хенсфорд (James Hansford) и неговите колеги од Лондонското зоолошко друштво. Сè досега, најстариот доказ за присуството на човекот на Мадагаскар се состоеше од камени алатки чијашто старост е проценета на околу 4 000 години.
На две други археолошки наоѓалишта на островот, кои датираат пред 6 300 години и пред 1 100 години, исто така се пронајдени ножни коски со белези од касапење. Хенсфорд и колегите откритијата ги објавија на 12 септември, во Science Advances.
Остатоците од птици припаѓаат на исчезнатиот вид слоновски птици (еlephant birds), коишто биле високи 3 до 4 метри и тежеле околу 500 килограми.
Откритијата на Хенсфорд укажуваат на тоа дека првите луѓе кои го колонизирале Мадагаскар живееле илјадници години заедно со слоновските птици и со други големи, сега исчезнати видови, без да претеруваат во ловот на овие животни како што предлагаат некои од истражувачите. Понатамошните истражувања треба да одредат дали луѓето трајно го населиле островот пред околу 10 500 години или бил потребен подолг временски период за популацијата да нарасне во доволен број за градење села и за организирање лов од поголеми размери.