Едрилицата Супер Бланик Л-23 му е позната на секој пилот од балканските простори, но и на многумина пилоти ширум светот. Причина за ова е што таа е една од најквалитетните, најбезбедните и најшироко распространетите едрилици за почетна обука и тренажа на пилоти. Присутна е во многу аеро клубови, но и во професионални цивилни и воени пилотски училишта.
Воздухопловното едриличарство, како гранка на воздухопловните спортови, претставува незаменлива алка во развојот на воздухопловните кадри. Сите професионални пилоти прво го поминуваа курсот за основна обука во едриличарство. За некои тоа беше само придружна работа која мора да се помине за да се дојде до главната цел, но за некои, остана вечна љубов која ја негуваа до крајот на својата летачка кариера.
Во рамките на поранешниот Воздухопловен сојуз на Македонија се водеше сметка обуката на идните едриличари да се извршува на најпогоден и најбезбеден начин. Секако, најбезбедна се покажа основна обука на двоседа едрилица. Токму на тоа поле се правеа напори да се дојде до вистинската едрилица која ќе овозможи квалитетна основна обука, во едрење и тренажа за едноседи едрилици, подготовка за едриличарски натпревари, но и за идни моторни пилоти.
Некаде 1989 – 1990 година АК “Мирко Тодоровски” Битола го набави првиот примерок Супер Бланик Л–23. Тоа значеше голем чекор напред од повеќе аспекти. Воздухопловното училиште при АК “М. Тодоровски” Битола веќе беше независно во изготвување на својата програма за летање и начинот на подготовка во обука. Наставникот по едриличарство, господин Илија Трајков, изврши директна преобука од Бланик Л-13, Супер Бланик 23 на високоспособна едноседа едрилица ДГ–100, а многу подоцна полетаа на преодни едрилици од типот Пилатус и Вук–Т. Тоа беше огромен скок, а за многу други наставници по едриличарство неразумен потег. Но, добрата подготовка покажа дека и тоа е можно.
Оваа едрилица се произведуваше во поранешната Чехословачка, а сега во Чешка, во градот Куновице. Распространета е во цел свет што претставува уште еден показател за квалитетот.
Воздухопловната едрилица СУПЕР БЛАНИК Л-23, е двосед со самоносечки крила со потполно метална конструкција. Кормилата за правец, кормилото за висина и крилцата (елерони) пресвлечени се со платно. Во предниот дел на трупот се наоѓаат предна и задна кабина. Двете кабини се покриени со покрив од плексистакло, во два дела, кои може во исклучителна потреба да се отфрлат во лет. Двете кабини се подготвени со сите основни уреди и инструменти за безбедно летање. Во зависност од желбата и потребите на нарачателот се вградуваат дополнителни инструменти за летање на натпревари, а за вонредни случаи, подготвена е и со падобран за спасување.
Крилата, вклучувајќи ги крилцата и воздушните кочници, се прицврстени за трупот на шест точки (три на секоја страна). Вертикалниот стабилизатор е прицврстен на задниот дел од трупот. Кормилото за правец се контролира со помош на педали поврзани со метални сајли. Главното тркало се вовлекува механички и поседува маслено-воздушен амортизери и механичка кочница. Опашниот подвоз е подготвен со тркало и амортизер.
Правејќи анкета со повеќе наставници по едриличарство, особено оние од постара генерација, едногласни се мислењата дека Бланик без оглед која верзија, Л-13 или Л-23, е една од најдобрите едрилици за обука и тренажа. Сите склопови го одржале својот работен век согласно фабричките препораки, а за тоа секако се заслужни стручните лица за обука на кадри, како и оние кои се задолжени за одржување на воздухопловите.
Зошто не е продолжена практиката за обука на идни пилоти на АРМ, тоа е прашање без одговор. Особено што за тоа треба да одлучат лица кои токму на Бланик завршиле основна обука и станале пилоти на надзвучни авиони, хеликоптери, чувари на поранешните југословенските простори, а сега и на нашето македонско небо.
Поопширен напис за оваа едрилица објавивме во Емитер 2/2008 – "Супер Бланик Л-23"