Леталото OSIRIS-REx ja ‘здогледа’ својата цел. На 17 август, сондата ја направи првата фотографија на астеридот 101955 Бену, со што по двегодишно патување го започна приближувањето на леталото кон својата цел.
Астероидот со пречник од 500 метри се забележува како движечка светла точка наспроти заднината на ѕвезденото небо. Фотографиите се знак дека навигацискиот систем на леталото е во ред и оти астероидот се наоѓа таму каде што научниот тим пресмета дека ќе биде.
Фотографијата е направена на оддалеченост од 2 186 228 километри и засега е најдетална фотографија направена одблиску. Астероидот за првпат беше забележан во септември 1999 година, кога беше оддалечен на 2 204 008 километри од Земјата.
Во текот на наредните пет години, OSIRIS-REx ќе ја мапира површината на астероидот, ќе ја измери неговата гравитација и ќе земе примерок од површината, којшто ќе го испрати на Земјата. Примерокот, заедно со тој од јапонската сонда Хајабуса 2, ќе им помогне на научниците да дознаат повеќе детали за раниот Сончев систем, како и за потеклото на животот и водата на Земјата.
Научниците се надеваат и дека со проучувањето на Бену ќе можат да најдат решение и за опасноста од евентуален удар на астероид во Земјата. Сценариото и не е толку невозможно. Самиот Бену е категоризиран како потенцијално ризичен астероид и неговите шанси да удри во Земјата некаде кон крајот на 22. век се 1:2700.
За целите на мисиите OSIRIS-REx и Хајабуса 2 пишувавме во Емитер 5/2011 во “Колку е стар Сончевиот систем?”, како и неодамна, на нашиот сајт, во “Јапонската сонда Хајабуса 2 се подготвува за финале”