Пред извесно време, една многу чудна светлина беше забележана на ноќното небо. На почетокот, мислењето беше дека се работи за посебен вид на поларна светлина, но неколку работи не им “штимаа” на научниците. По подлабоки проучувања, крајниот заклучок е дека аурората наречена СТЕВЕ (STEVE) воопшто не е аурора.
Со децении, аматерите ги фотографираат тенките розеникави и бели ленти од светлина коишто на повисоките географски широчини повремено се јавуваат на ноќното небо. Феноменот стана познат под името СТЕВЕ, коешто научниците го претворија во акронимот Strong Thermal Emission Velocity Enhancement (STEVE) или, по “нашки”, силно зголемување на брзината на температурната емисија, што, ако не забележавте, ни приближно не звучи симпатично како СТЕВЕ . Најнапред истражувачите сметаа дека се работи за поларна светлина, или аурора, којашто претставува видлив светлосен ефект од судирот на јони и други наелектризирани честички со магнетното поле на Земјата.
Но, Беатрис Гаљардо-Лакур (Beatriz Gallardo-Lacourt) од Универзитетот на Калгари во Канада, заедно со нејзините колеги, успеале за првпат да ги измерат количествата на електрони и јони во горниот дел од атмосферата, за време на појавата на СТЕВЕ. Тимот открил дека бројот на наелектризирани честички поврзувани со СТЕВЕ е најмалку за две магнитуди помал од бројот на наелектризирани честички што типично е присутен во атмосферата за време на појавата на вообичаена поларна светлина, односно аурора. Заклучокот на научниците е дека појавата на СТЕВЕ, а најверојатно и некои други појави, се должат на некои сè уште непознати процеси во горниот дел од атмосферата, односно во јоносферата.