Во попладневните часови се намалува вашата концентрација, поспани сте, мрзоволни и бавно ги извршувате работите. Тоа се симптоми на попладневен замор, кој не е знак на болест или старост туку е природна реакција на организмот во тој период на денот. Имено, по ручекот нагло опаѓа енергијата и се чувствуваме поспани. Затоа, во многу земји работното време е двократно и задолжителна е пауза од неколку часови во текот на ручекот, бидејќи тогаш продуктивноста е на најниско ниво. Доколку го немате тој луксуз да можете да отспиете и така да се освежите и рехабилитирате, енергијата би требало да ја обновите на друг начин.
Избегнувајте обилен ручек: Варивата, морските плодови и тестенините, како и свежите салати од зеленчук се добар избор за овој период од денот. Важно е наместо чоколадо и други слатки, да внесете овошни шеќери кои нема да ве успијат. Наместо традиционален ручек, можете да се определите за полесни варијанти како што се овошје, порција младо сирење или јаткасти плодови кои ќе ве заситат.
Шолја кафе 30 минути после јадење: По оброкот, почекајте најмалку 30 минути храната во желудникот да слегне, а потоа напијте се кафе. Ако го испиете веднаш по ручекот, кафето нема да има ефект на енергетска бомба.
Не заборавајте на водата: Ако сте дехидрирани, ќе се чувствувате малаксани, а тоа најчесто се случува во попладневните часови, кога поради обврски заборавате да пиете вода.
Кратка прошетка: Кога чувствувате поспаност, а не сакате да пиете уште едно кафе, излезете на свеж воздух и прошетајте. Доволно е 10 минути да ги раздвижите нозете и ќе почувствувате прилив на енергија, а воедно ќе согорите и калории.