Европскиот сателитски навигациски систем Галилео (Galileo ) е прв заеднички проект на Европската вселенска агенција (ESA) и на Европската Унија (EU). Проектот започнал да се развива во 2002 година, а неговата првобитна намена била за цивилни цели. Од системот се бараше да обезбеди сигурност и делотворност на сообраќајот во Европа, особено на поморскиот сообраќај, но и во други области, како потрага и спасување при разни несреќни случаи, ефикасна царинска гранична контрола и друго. Но, подоцна, во 2008 година, европскиот парламент донесе одлука системот да се употребува и во стратешки воени операции, поврзани со безбедноста на европската заедница.
Системот содржи вкупно 30 орбитални сателити, 27 работни и 3 резервни, а лансирањето на првите два сателита започна во октомври 2011 година. Лансирањето продолжи и во наредните години, па бројот на сателитите во орбита постојано се зголемуваше, а деновиве ESA објави дека извршила лансирање на нови, дополнителни 4 сателити, кои според редоследот на лансирањето се 25. и 26. по ред. Така, системот Галилео сега брои вкупно 26 сателити што се наоѓаат во орбита околу Земјата. Тие кружат на средна височина од 23 260 km, на 3 различни нивоа, секое со по 9 сателити, на меѓусебно аглово растојание од 40°. Средната брзината со којашто тие орбитираат изнесува 3,6 km/s, па ним им е потребно време од околу 14 часа за да направат една полна обиколка околу Земјата. Лансирањата се реализираат од вселенскиот центар во Француска Гвајана, со помош на руските ракети-носачи Сојуз. Веќе е извршено успешно пробно тестирање на досега реализираниот дел од проектот, а тој ќе биде целосно оперативен во 2020 година.
Ќе напоменеме уште дека денес веќе постојат два такви реализирани системи за навигација, американскиот NAVSTAR-GPS и рускиот систем ГЛОННАС. Европскиот систем ќе биде компатибилен со нив, но посовремен, поради употребата на посовремена технологија. Имено, тој ќе овозможува навигациски податоци за географска должина и географска ширина на некоја точка на површината на Земјата, со точност од околу 4 метри.