Целосно затемнување на Сонцето нема да видиме во овие региони во скоро време, но затоа на ноќта помеѓу 27 и 28 јули ќе можеме да набљудуваме целосно затемнување на Месечината, се разбира, ако нè послужи времето. Иако датумот се чини далеку, да се потсетиме на неколку факти за затемнувањата:
1. Најдолгото затемнување на Сонцето се случи 2009 година на 22 јули над Индија, Непал, Бутан и Кина. Најдолга темница имаше над Тихиот Океан, но дури и таму темнината траеше само 6 минути и 29 секунди.
2. Брзи и жестоки: Сенката на Месечината се движи по површината на Земјата со брзина од речиси 8000 km на час.
3. Канадскиот астроном и ловец на затемнување (еклипси) Џ. В. Кемпбел го пропатувал светот неколку пати во 50 години, со цел да види 12 различни затемнувања. За жал, човекот едноставно немал среќа, секогаш наидувал на лошо време - облаците секогаш се испречувале помеѓу него и прекрасната глетка.
4. Токму пред целосното затемнување се појавуваат зашеметувачките т.н. “Бејлиеви брилијанти” кои се последица на минувањето на Сончевите зраци низ Месечевите долини. Последниот “скапоцен камен” го дава привидот на дијамантски прстен пред Месечината целосно да го покрие Сонцето при затемнувањето.
5. Прекрасната симетрија на целосното затемнување на Сонцето е резултат на чиста случајност: дијаметарот на Сончевиот диск е 400 пати поголем од оној на Месечината, но бидејќи се наоѓа на точно 400 пати поголема оддалеченост од Земјата дисковите на Сонцето и Месечината изгледаат дека се со иста големина.
6. Во случај да размислувате за селење на друга планета и оттаму да ги набљудувате еклипсите, целосно затемнување на Сонцето во Сончевиот систем може да се набљудува единствено од Земјата. Но, ова не значи дека и на другите планети во нашето соседство нема единствени појави од овој вид. Јупитер би нудел можност за симултано тројно затемнување на Сонцето, три од месечините на Јупитер истовремено се наоѓаат на патот на Сончевите зраци и фрлаат сенка врз гасниот џин. Овој настан лесно може да се набљудува со помош на помал телескоп.
7. Во древна Кина се направени првите астрономски записи за затемнувањата на Сонцето. Записите се врежани во парчиња од коска и школки наречени “пророчки коски” и датираат од 1050 година пред новата ера или порано. Со споредба на овие записи со современите пресметки од затемнувањата астрономите пресметале дека денот во древните времиња бил за 0,047 секунди покус од денес.
8. Во просек од која било точка на Земјината точка затемнување на Сонцето може да се набљудува еднаш во 360 години. Ако го имаме ова предвид, жителите на малото градче Карбондејл, Илиноис, САД, имаат исклучителна среќа. Зошто? Бидејќи лани, на 21 август 2017 година, имаа можност да ужуваат во набљудувањето на целоно затемнување на Сонцето, а истиот настан ќе може да го набљудуваат повторно и на 8 април 2024 година.
9. За разлика од затемнувањето на Сонцето, затемнувањето на Месечината може истовремено да се набљудува од која било точка на Земјината површина која во тој момент се наоѓа на ноќната страна. За време на целосното затемнување на Месечината, таа добива црвеникава боја која се должи на Сончевата светлина што се рефлектира од рабовите на Земјата.
10. Додека бил заглавен во Јамајка, Кристофер Колумбо за малку ја избегнал пропаста благодарејќи на затемнување на Месечината. Имено, кога локалните жители одбиле да го снабдат со потребните залихи на намирници тој итро им кажал дека ако не го направат тоа ќе направи да исчезне Месечината. Кога Месечината ја снемало, локалните жители веднаш побрзале да му ги дадат многу потребните залихи, а Колумбо можел да здивне. Иако знаел дека претстои затемнување на Месечината, не бил сигурен во точноста на пресметките за локалното време кога појавата треба да започне.