Замислете дека доаѓате дома од работа, правите што правите, залегнувате на вашето омилено место за одмор, земате молив и пенкало и... решавате математички проблеми за да се опуштите. Токму ова го прави секојдневно Обри де Греј (Aubrey de Grey), научник кој работи во областа на биологијата или поточно на проблемот на забавување на стареењето. Опуштајќи се секојдневно со решавање на математички проблеми де Греј успеа да реши математичка загатка стара повеќе од 60 години, објави магазинот Quanta.
Се работи за проблемот Хедвигер-Нелсон (Hadwiger-Nelson), којшто бара од решавачот да го пронајде минималниот број на бои што се потребни да се обојат точките поставени на една иста рамнина и меѓусебно поврзани со отсечки со еднаква должина, притоа внимавајќи поврзаните точки да бидат секогаш обоени со различна боја. Навидум едноставно, нели? Но, како и кај сите едноставни работи решението испадна комплицирано :)
Уште во 50-тите години, математичарите докажале дека бројот на употребени бои за проблемот мора да биде некаде помеѓу четири и седум, но понатамошното прецизирање останало загатка сè до минататa недела. Токму тогаш де Греј го испрати неговиот труд на серверот за научни трудови на arXiv, каде се даваат на разгледување пред печат. Во неговиот труд тој открива дека минималниот бројот на употребени бои е најмалку пет, во еден конкретен случај на граф со 826 точки.
Ова не е првпат аматер-математичар да најде решение за комплексни математички проблеми. Во 70-тите години од минатиот век, тоа и успеа на Марџори Рајс, домаќинка без некое особено математичко искуство која успеа да реши загатка објавена во магазинот Scientific American, во која се барало решение за поставување на петоаголни форми во една рамнина.
Токму ваквите хоби-математичари го разбиваат митот за математиката како баук. Таа е наука за секој и се чини има проблеми што може секој да ги реши ако се посвети. Значи, пенкалата во рака и опуштајте се решавајќи математички загатки.