Како што лаптопите стануваат сè помали и поприсутни, но и со омасовувањето на таблетите, се чини дека фаќањето белешки со рака станува старомодно кај голем број студенти. Да, “типкањето” врз тастатурата е побрзо отколку пишувањето на хартија, пресудeн фактор за голем број студенти кои сакаат да запишат колку што е можно повеќе информации на предавањата. Но, се чини дека пишувањето со рака има многу други предности.
Прва работа што покажаа истражувањата на оваа тема е дека електронските гаџети кријат повеќе “крадци” на вниманието. Премногу е лесно да го игнорирате здодевното предавање и да се приклучите на Фејсбук или Твитер, во најмала рака. Истражувањата исто така укажаа дека за квалитетно фаќање на прибелешки, мора да бидете побавни, процес што на долги патеки ќе ви се исплати повеќе.
Минатиот месец, во списанието Psychological Science на оваа тема беше објавен трудот на Пем А. Милер од Универзитетот Принстон и на Дениел М. Опенхајмер од Универзитетот на Калифорнија, ЛА. Истражувањето ги споредуваше предностите и недостатоците на обата начина на фаќање прибелешки.
Студентите кои фаќаат забелешки со "типкање" на компјутер имаат тенденција да го прават ова автоматски, обидувајќи се да ги внесат зборовите од предавањето како да се работи за диктат. За разлика од ова, бидејќи пишувањето со рака е побавно од употребата на тастатурата, студентите кои прибелешките ги запишуваат со молив/пенкало врз хартија мораат да бидат попребирливи во записот на податоците, процесирајќи го несвесно материјалот од предавањето. Оваа дополнителна обработка на податоците им носи повеќе предности.
Милер и Опенхајмер наведуваат дека фаќањето белешки може да се подели во две категории: генеративна и негенеративна. При генеративното бележење се прави "сумирање, парафразирање, мапирање на концептите", додека негенеративното бележење вклучува буквално копирање.
Постојат две хипотези за тоа зошто фаќањето белешки е корисно. Првата е хипотезата на кодирање, која претпоставува дека при ваквото фаќање прибелешки, "симултаната обработка на податоците" може да ги подобри "учењето и памтењето". Втората хипотеза, наречена хипотеза за надворешно складирање, вели дека со тоа што сте во можност да направите брз преглед низ вашите белешки и белешките на другите, ќе научите повеќе.
Како што кажавме, бидејќи луѓето можат да “типкаат” побрзо отколку што пишуваат, користењето на лаптоп ја ограничува селективноста при запишувањето, па така оние што користат електронски уреди за фаќање прибелешки имаат теденција да го транскрибираат она што го слушаат. Така, се поставува прашањето дали придобивките од поцелосни, транскрибирани белешки во лаптоп, ги надминуваат недостатоците од недостатокот од обработка на тие информации и подеднакво, дали обработката на информациите е побитна од можноста за брз преглед низ записите.
Истажувањата покажале дека обата начина на фаќање прибелешки даваат подеднакво добри резултати при брзото памтење на фактите и бројките. Но, дополнителното процесирање на податоците што сме принудени да го правиме при запишувањето со рака, дава далеку подобри резултати за побрзо разбирање на материјата и кај можноста за апстрактно размислување и логичко носење заклучоци.