Изминативе два дена, Македонија беше домаќин Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан – настан кој има за цел да ја помогне дигитализацијата на општестовото и преку регионална координација да го приближи регионот до Европската Унија.
На заедничката прес-конференција, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, комесарот за дигитална економија и општество, Марија Габриел и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, го истакнаа значењето на првиот Дигитален самит што се одржа во Скопје.
"Дигиталниот самит за Западен Балкан 6" е потврда дека сите работиме на постигнување на единствена цел. За нас, Западен Балкан е дел од Европската Унија, додека дигиталната трансформација ќе ни помогне да успееме да ја интензивираме соработката. Дигиталната трансформација го менува нашиот живот, нешто што е признаено и од политичарите. Според неодамнешната Стратегија за проширување на земјите од Западен Балкан, дигитализацијата е ставена високо на политичката агенда. Имаме важни проекти пред нас, како што се намалување на цените на роамингот и кибер-безбедноста", истакна комесарката Габриел.
"Дигиталниот самит за Западен Балкан 6" е дел од Берлинскиот процес и е наменет за регионална координација за пристапување на ЕУ во регионот. Компонентата за дигитална интеграција предвидува дека "Дигиталниот самит за Западен Балкан 6" треба да се организира еднаш годишно, при што е од голема важност за Македонија како земја да биде првиот домаќин на Самитот.
Како дел од дводневниот регионален настан беше отворен и саемот Дигитал Експо во салата "Борис Трајковски", како можност за домашните, регионалните, меѓународните компании, како и за локалните нови компании да се претстават пред публиката и да ги презентираат своите можности за понатамошен дигитален развој, кој е суштински дел од процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.
На официјалното отворање, свое обраќање имаа Горан Сугарески, министер за транспорт и врски на Република Македонија, Јован Деспотовски од Фондот за иновации и технолошки развој и Џејмс Макбет Форбс, директор на Друштвото за германска меѓународна соработка (ГИЗ) за Македонија и Косово.
Министерот Сугарески истакна дека имплементацијата на новите електронски системи во областа на транспортната активност е водена од потребата да се создадат подобри услови за развој на транспортните компании, како и за зајакнување на транспарентноста во управувањето со јавните услуги.
За време на обраќањето, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски ја претставиja претстави идејата за новата електронска алатка "PristAPP transport". Имено, во соработка со Министерството за транспорт и врски има јавен повик за изработка на софтверски решенија за електронски апликации за транспортните компании како помош при справувањето со процесите за добивање лиценци и одлуки преку електронски систем од страна на Министерството за транспорт и врски. Јавниот повик, кој трае до 20-то мај, се однесува на сите микро, мали и средни претпријатија коишто работат со информатички технологии, и можат да се аплицираат индивидуално, или во соработка со институција која врши универзитетска или научно-истражувачка дејност, како и со претпријатија или здруженија.
Џејмс Макбет Форбс, директор на Друштвото за германска меѓународна соработка (ГИЗ) за Македонија и Косово, ги истакна потенцијалните негативни аспекти на процесот на дигитализација со кои земјите од Западен Балкан можат да се соочат и истакна дека образованието е клучен фактор за надминување на овие потенцијални пречки и дека ГИЗ, во рамките на Германската развојна соработка во регионот, поддржан од Сојузното министерство за економска соработка и развој (БМЗ), е подготвена да обезбеди помош во таа област.
На Дигитал ЕКСПО саемот, што можеше слободно да се посети во текот на двата дена, свој изложбен простор имаа Неоком, Некст Сенс, Македонски Телеком, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ВИП, ЕВН, М Кар, како и повеќе други компании од регионот.