Рубрика: Хемија
Сув мраз - што е тоа?
Автор: Ратко Додевски
Објавено на 13.04.2018 - 13:00

Сигурно досега веќе сте го чуле терминот сув мраз кој секако ви звучел чудно и сте се запрашале што е тоа всушност и за што може да се искористи. Сигурно ве интересира како ја прават маглата во филмовите (веројатно не чекаат да им се погоди времето, па тогаш да снимаат). Прочитајте уште неколку редови и сите овие работи ќе ви се разјаснат.

Што е сув мраз?

Сувиот мраз е налик на обичниот мраз (од вода), но тој, всушност, е замрзнат јаглерод диоксид или CO2 , кој инаку е гас при нормална температура и притисок. Во атмосферата овој гас е застапен со околу 0, 035%. CO2 спаѓа во групата на таканаречените “Greenhouse” гасови, што значи дека ја апсорбира инфрацрвената светлина, па зголемувањето на концентрацијата на гасот во атмосферата предизвикува зголемување на температурата на атмосферата. Се верува дека високата концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата на Венера исто така придонесува за високата температура на планетата.

На нашата планета, пак, при нормален атмосферски притисок и температура, замрзнатиот CO2 не преминува во течност, туку директно испарува и преминува во гасовита состојба. Оттука и доаѓа името сув мраз. Овој процес на преминување од тврда директно во гасовита состојба се нарекува сублимација. Тој често се користи за транспорт на прехранбени продукти бидејќи е полесен од водениот мраз, подобро лади, а и со топењето не остава течност зад себе која потоа би требало да се исфрли.

Подолу во текстот ќе бидат опишани неколку интересни експерименти, како и мерки на претпазливост кои потекнуваат директно од гореспоменатите својства на сувиот мраз.

 

Мерки на претпазливост

Сувиот мраз е лесно достапен (барем во другите земји) и се продава во продавници за мраз, но бидејќи кај нас такво нешто не постои ќе морате да се снајдете сами преку разни фирми и хотели кои користат ваков вид на мраз за разладување и разни лаборатории. При транспортот и складирањето треба да се биде доста претпазлив, бидејќи тој постојано сублимира и не треба да се чува во затворени садови, за да не дојде до експлозија, како и да не се чува во простории наменети за престој на луѓе и животни. Треба секогаш да се работи со него во добро проветрени простории, бидејќи доколку неговата концентрација порасне на 5% станува смртоносен.

Исто така, со него треба да се ракува доста претпазливо. Поради неговата ниска температура (-78,5°C), доколку дојде во допир со кожата може да предизвика изгореници, па секогаш треба да се носи заштитно одело и ракавици, како и заштитни очила, бидејќи во текот на работата може да дојде до прскање на прав во очите.

 

А сега, неколку интересни трикчиња

Распеана лажица: Земете една мала коцка од сув мраз и една обична лажица која претходно ќе ја загреете. Полека и нежно допрете ја лажицата до коцката сув мраз. Поради сублимацијата, гасот се ослободува и врши притисок и ја оттурнува лажицата, но поради притисокот што го вршиме со раката, лажицата повторно се враќа назад и така се создава еден циклус кој се одвива многу бргу, поради што лажицата вибрира и испушта “распеан “ звук кој јасно може да се чуе.

Создавање магла: Доколку ставиме сув мраз во топла или во врела вода ќе забележиме дека почнуваат да се создаваат бели облаци налик на магла. Тоа е, всушност, водена пареа од жешката вода која веднаш се кондензира поради екстремно ниската температура на сувиот мраз и се меша со CO2 кој е доста потежок и поради тоа облаците остануваат на дното и се доста густи, па може и да се “сипуваат” од садот во кој се врши експериментот. Овој трик доста често се користи во филмската индустрија за снимање на драматични хорор сцени во магла. Со само половина килограм сув мраз би можело да се создаде дебел слој на магла од 25 до 30 сантиметри во една соба со просечна големина. Овој трик е доста популарен и на концертите.

Треба да се напомене дека во никој случај не треба да се задржуваме во ваква просторија или, пак, да им се дозволи на луѓе како и на животни да лежат во маглата и да ја дишат, бидејќи таа содржи висок процент на CO2 кој води кон зашеметеност, несвестица па дури и смрт.

Карбонизација (Минерализирање): Сувиот мраз, бидејќи е замрзнат CO2, може да се користи за минерализирање на обичната вода со што би добиле “газирана” вода. Ако ставиме вода во чаша и потоа додадеме една мала коцка сув мраз, тој ќе почне да се топи и да се ослободува CO2, кој притоа ќе се меша со водата во чашата. Доколку потоа ја пробаме водата од чашата ќе забележиме  дека таа е благо “газирана”. Притоа треба да внимаваме да не додадеме премногу CO2 во водата со што доколку ја пробаме би си наштетиле себеси. Исто така, треба да се внимава овој експеримент да не се изведува во затворено шише, бидејќи може да настане експлозија поради гасот кој се ослободува.

Дување балон: Со помош на сув мраз може да надуваме балон. Ако земеме еден балон, му го отвориме грлото и му ставиме неколку ситни парченца сув мраз, а потоа го заврземе ќе видиме дека полека ќе почне да се надувува. За да го забрзаме процесот потребно е да  му доведеме топлина, а тоа ќе го направиме ако го ставиме во базен со вода. Отпрвин ќе пропадне на дното, за потоа да се искачува нагоре со надувувањето. Ако ставиме доволно количество сув мраз може да предизвикаме и пукање на балонот.

Мали експлозии: Со сув мраз може и да се предизвика експлозија. Ако во мал пластичен сад (кутивче за фотографски филм, шишенце од таблети и сл.) сместиме мало количество на сув мраз и го затвориме со капаче, после некое време поради ослободување и ширење на гасот тоа ќе експлодира и ќе го исфрли капачето. Да биде експлозијата поинтересна, може во садот да се стави и малку боја, па кога ќе настане експлозијата, од садот ќе излезе и бојата и ќе се распрска во непосредна близина. Треба да се внимава да не се изведува експериментот со големи количества на сув мраз, бидејќи со само неколку грама сув мраз во кутивче од филм, капачето лета неколку метри.

 

За крај

За крај да напоменеме дека прво треба внимателно да се прочита текстот и да се запазат мерките на претпазливост за да не настанат некои несакани последици. Препорачуваме овие експерименти да ги направите во школска лабораторија со помош на наставникот. Авторот на текстот и редакцијата не преземаат никаква одговорност за можните последици.

Внимателно со експериментите!

Клучни зборови:
Магла од сув мраз добиена во лабораториски услови.

Магла од сув мраз добиена во лабораториски услови.