Враќањето на километражата е противзаконско дејствие. Во Германија на суд се одговара за тоа. Прекршокот има третман на промена на податок во официјален документ (тоа е бројачот) со што се доведува во заблуда потенцијалниот купувач на стариот автомобил, а целта е да се оствари противзаконска имотна (парична) корист.
Во минатите времиња, кога бројачите биле механички, релативно лесно се враќаше километражата, и тоа можеше да го направи и некој малку повешт механичар. Денес, кај компјутерските бројчаници, тоа го прават неодговорните хакери со софтверски упад во EPROM меморијата, каде што е впишана вистинската километража. Автомобилските производители под притисок на државните институции се трудат да го елиминираат манипулирањето со изминатите километри на тој начин што километражата ја запишуваат не само во EPROM меморијата, туку и на други повеќе мемориски модули во автомобилот (на пр. и во електронскиот клуч за отворање на автомобилот!), со што значително е отежнат хакерскиот упад. Но има мислења дека сепак, автомобилските фабрики “ја оставаат вратата подотворена” за успешна манипулација, затоа што тоа одговара на нивните бизнис планови. Имено, со враќањето на километражата на пониска вредност, вредноста на стариот автомобил нереално расте, а тоа дирекно води кон одлука да се купи сосем нов автомобил наместо стар (со релативно висока цена).
Како да се заштитиме од оваа манипулација? Мошне тешко и речиси никако во Македонија. Најдобра заштита е да ја довериме процената на состојбата на автомобилот што имаме намера да го купиме на искусен автомеханичар во кого имаме доверба. Идејата е со детален преглед, на канал во автосервис, и со мерење на некои неопходни параметри (како компресија и сл.), како и слушање на работата на моторот и впечатоците од пробното возење, да се донесе одлука дали да се купи понудениот половен автомобил. Значи, пред сè, потпирање на природното здраворазумско расудување и носење одлука врз основа на мерливи факти и параметри, а не врз основа на емоции. Исто така, избрзаните одлуки можат да доведат до катастрофален избор, како и нереално ниската цена (ова е знак дека можно е да се покрива некој голем дефект или проблем што го има половниот автомобил, а е помалку или повеќе успешно прикриен или замаскиран). Затоа, ширум отворете ги очите, не брзајте, имајте доверба само во здравиот разум и во измерените параметри, како и доверба во вашиот автомеханичар кој ја проценува состојбата на половниот автомобил.