1. Историјата вели дека Холанѓанецот Ханс Липерше го пронашол телескопот во 1608 година. Од друга страна, легендата вели дека уредот е направен 3 години пред официјалниот датум од страна на деца кои си играле со леќите во работилницата на оптичарот. Да, такви работи се случувале во преткомпјутерската ера, пред видеоигрите :)
2. Првите телескопи како алва ги купувале трговците кои ги користеле како дурбини. Дурбините им давале можност први да го забележат пристигнувањето на некој трговски брод во пристаништето и први да дојдат до робата која тој ја носи.
3. Телескопите потпомогнаа во развојот на првите брзински телекомуникациски мрежи. За оние кои се збунија, дурбините биле користени при размена на семафорски знаци на далечини од повеќе километри.
4. Прв на кого воопшто му текнало телескопот да го насочи кон небесата бил Галилео Галилеј. Со негова употреба тој ги открил 4 од Јупитеровите сателити кои и ден-денес се нарекуваат галилеови. Исто така, прв ги набљудувал и кратерите на Месечината. Една од не толку паметните работи му била што телескопот го насочил и директно кон Сонцето, што подоцна придонело за неговото слепило.
5. Во 1845 година е изградена опсерваторијата Ерл од Росе (Earl of Rosse). Иако опсерваторијата можела да се пофали со најголемиот телескоп на светот во тоа време и во наредните 70 години, сепак, најголемиот дел од годината била затворена. Причина - облачното ирско време. Оттогаш опсерваториите се прават на планинските врвови каде астрономите преку целата година може да уживаат во чистиот поглед.
6. Еден од славните телескопи е телескопот Хукер на планината Вилсон во Калифорнија. Биле потребни 200 луѓе за да го одвлечкаат огромното телскопско огледало до врвот на планината. Но, нивната работа не била залудна. Токму со помош на овој телескоп е докажано постоењето на галаксиите и екпандирачката природа на универзумот.
7. Денес најпознатиот вселенски телескоп немаше добар старт. Колекторското огледало мораше да биде полирано цела година пред да се вгради, со прецизност на полирањето од 10nm. По 7-годишно доцнење во лансирањето и 2 милијарди долари пробив на буџетот, Хабл беше поставен во орбита во 1990 година. Потоа се откри дека изведувачите го исполирале огледалото многу прецизно, но погрешно - со грешка од 2200 nm. За среќа, проблемот беше решен речиси веднаш, во 1993 г. беше инсталирана корективна леќа. Хабл оттогаш беше наведен како извор во 25% од научните трудови од областа на астрономијата.
8. Радиотелескопите за малку ќе биле пронајдени во 1932 година, кога инженерот Карл Јански забележал дека статичкото загадување на неговата опрема секојдневно се менувало. Антената, всушност, го примала микробрановото зрачење од небото од извори коишто постојано ротирале во и надвор од видокругот. Многу подоцна, 1965 г. инженерите Арно Пенциас и Роберт Вилсон го имале истиот проблем со нивната опрема. Откако ги исклучиле сите други причини како невозможни, дошле до заклучок дека се работи за микробраново заднинско зрачење - остаток од некогашниот Биг-бенг.
9. Телескопите коишто набљудуваат во подрачјето на гама зраците може да ја детектираат светлината од најнасилните експлозии во вселената, кои најверојатно настанале при колабирањето на ѕвезди во црни дупки.
10. Најнеобичниот телескоп го конструирал физичарот Рејмонд Дејвис Џуниор, којшто употребил речиси 380 000 литри течност за хемиско чистење за детектирање на неутрино честичките коишто ги емитува Сонцето. За уште поголемо чудо, овој телескоп функционираше како што треба, отворајќи ја вратата за новата физика и носејќи му ја Нобеловата награда во 2002 година.