Сè уште не стигнавте да се свестите од лансирањето на Фалкон Хеви? Па, можеби и не мора да се свестувате. Како што сигурно знаете, при успешното лансирање од 6-ти февруари, Фалкон Хеви со себе носеше возило од марката Тесла Родстер со црвена боја коешто му припаѓаше на основачот и главниот извршен директор на СпејсЕкс – Елон Маск. Во седиштето на возачот од родстерот беше поставена кукла облечена како астронаут, симболично наречена Starman (Ѕвездениот човек) според истоимениот хит на поп-рок иконата Дејвид Бови.
Родстерот остана во Земјината орбита неколку часа, време за коешто камерите прикачени на него снимија и емитуваа неверојатни слики од Ѕвездениот човек со Земјата осветлена од сончевите зраци во заднината. Неколку телескопи на Земјата дури успејаа да го лоцираат на небото автомобилот и “возачот” по нивното орбитално лансирање кон длабочините на вселената. А возилото и патникот сè уште можеа да се следат на небото како светла точка и дури возилото беше оддалечено околу 800 000 км од Земјата.
Продуцентот Стив Спалета од space.com од снимките направени при ова патување состави видео од 80 секунди, коешто музички е дополнето со познатите рифови од легендарниот гитарист Џо Сатриани.
Тесла родстерот и Ѕвездениот човек веќе се надвор од видното поле. Фалкон Хеви ги постави во елиптична орбита што ќе ги однесе нешто подалеку од Марс во најдалечната точка. Автомобилот и “возичот“ ќе направат неколку поминувања покрај Земјата, но најблиската средба ќе се случи дури 2091 година кога ќе помине на оддалеченост од неколку стотини илјади километри, барем според новата студија којашто ја пресметала траекторијата на родстерот за следните неколку милиони години. Според ова истражување во следните 1 милион години постои 6% можност Стармен да удри во Земјата и 2,5% можност да се сруши на Венера.
Судбината на куклата е сепак запечатена – за неколку милиони години таа ќе се претвори во ѕвездена прашина, збир од молекули на еден од овие два света, бидејќи родстерот со сигурност ќе се сруши на еден од нив некаде во наредните десетина милиони години