На 17 септември 2017 година, во прекрасниот ресторан “На Велешко“, на брегот од езерото “Младост“ крај Велес, се одржа Собир на радиоаматерите на Македонија. Собирот беше организиран од Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, во соработка со Народна техника на Македонија. На собирот присуствуваа над 150 радиоаматери, љубители на радиоаматерските дисциплини и гости од институции со коишто соработува радиоаматерскиот сојуз. Особено радува фактот што овојпат имаше многу млади идни радиоаматери кои покажаа голем интерес за презентациите од разни области на радиоаматерството.
Активностите беа распоредени во неколку радиоаматерски дисциплини. Имаше теоретски и практични презентации подготвени од искусни членови на Радиоаматерскиот сојуз, со следниве теми:
• Теоретско и практично запознавање со спортско-техничката дисциплина АРГ – Аматерска радиогониометрија, популарно наречена “Лов на лисици“. Оваа тема очекувано предизвика најголемо интересирање кај најмладите радиоаматери. Презентацијата ја спроведоа искусните радиоаматери од оваа област, Митко Толев и Гоце Боковски од Скопје, следени од Горан Микулек од Прилеп, а сите заедно координирани од менаџерот за АРГ, Жарко Колевски – Царевичански од Прилеп. По теоретското и практичното запознавање со “ловот на лисици“, се одржа мини-натпревар во АРГ, на кој учествуваа 32 млади радиоаматери-пионери. По натпреварот, на сите учесници им беа доделени дипломи.
• HST (High Speed Telegraphy) – брза телеграфија. Оваа презентација ја изведе менаџерот за ХСТ, Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од Берово, кој живее и работи во Скопје.
• Одржување на радиоаматерски врски и комуникации со дигитални модови на работа. Оваа презентација ја подготви и одржа Владимир Шутевски од Скопје.
• Одржување на портабл радиоаматерски врски со целиот свет, од излет на планина, езеро, плажа, шума... Практично од секаде. Оваа презентација ја подготви и практично ја изведе Симеон Стојчески од Прилеп.
• РМЗО – Радиомрежа за опасност. Оваа презентација ја подготви менаџерот за РМЗО во Радиоаматерскиот сојуз – Звонко Стаменков од Виница, кој живее и работи во Скопје.
Радиоаматерската мрежа за опасност претставува посебна дисциплина во којашто се стекнуват стручни знаења за начинот на комуникација и пренесување на информации во кризни состојби, елементарни непогоди и во други вонредни ситуации. Оваа мрежа е од особен интерес за државата во вонредни состојби (прекин на електрична енергија, земјотреси, пожари, поплави и сл.), кога останатите системи за комуникација не функционираат.
Радиоаматерската мрежа за опасност (РМЗО) е организирана на локално, регионално и на национално ниво. Со неа раководи управна станица, која информациите ги доставува до заинтересираната страна. Оваа дисциплина се одвива како на краткобрановото подрачје (КБ), така и на ултракраткобрановото подрачје (УКБ). За активност на УКБ подрачјето Радиоаматерскиот сојуз на Македонија користи репетиторска мрежа со којашто има покривање на целата територија. Репетиторите се поврзани со електрично напојување, но имаат и автономен соларен систем за тие да функционираат. Радиоаматерската опрема и репетиторите се одржуваат и се севисираат од страна на членовите на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија.
Радиоаматерите учесници во РМЗО се искусни и стручни лица кои се подготвени на брз и стручен начин да ги пренесат потребните податоци и информации до крајниот корисник.
Радиоаматерскиот сојуз на Македонија е член на International Emergency services во составот на Меѓународната радиоаматерска унија.
• СДР – Софтверски дефинирани радиоуреди. Софтверски дефинирните радиоуреди (СДР) претставуваат радиокомуникациски системи кадешто компонентите од кои е составен класичниот радиокомуникациски систем (како на пример: миксери, филтери, засилувачи, модулатори, демодулатори, детектори итн.) се имплементирани софтверски, преку соодветен софтвер инсталиран на компјутер, лаптоп, таблет или мобилен телефон.
СДР уредот се состои од аналогно-дигитален конвертор (ADC) како и некоја форма на влезно РФ-коло (за СДР-приемник), односно влезно-излезно коло (за СДР трансивер). Некои СДР уреди ја користат звучната картичка на компјутерот како аналогно-дигитален конвертор, но во последно време сè повеќе СДР уреди имаат свој сопствен хардверски аналогно-дигитален конвертор, а компјутерот го користат само за да го покренува софтверот преку којшто се имплементирани останатите степени за процесирање на дигиталниот сигнал (DSP). Такви дигитални софтверски решенија се, на пример, демодулација на сите видови модулација на сигналите (CW, AM, SSB, LSB, USB, DSB, FM, WFM, NFM...) Исто така, софтверски се решени сите потребни филтри за пропусниот опсег на приемникот или предавателот и слично.
Кај софтверски дефинираните радиоуреди со помош на аналогно-дигиталниот конвертор, најчесто се дигитализира еден многу широк фреквенциски опсег, кој може да биде широк повеќе мегахерци. Откако ќе биде дигитализиран, потоа дигиталниот сигнал со помош на софтверот може да се бира фреквенцијата на сигналот кој сакаме да го примаме, ширината на филтерот, видот на демодулација и други видови на дигитално процесирање на сигналот (DSP - Digital Signal Processing) по потреба.
Дигиталното процесуирање на сигналот (DSP) може да се врши на ниво на РФ-сигнал, меѓуфреквентен сигнал (IF) или по демодулаторот, на аудио сигналот (AF).
Секојдневно сме сведоци на појавување на нови СДР уреди на пазарот. Од оние кои можат да се користат само како приемници, па до комплетни трансивери, за различни фреквенциски опсези. Ги има евтини, но и мошне скапи. Оваа тема ја подготви и ја презентира претседателот на Радиоаматескиот сојуз, м-р Миле Кокотов. Поопширно за СДР-уредите можете да прочитате на веб-страницата од авторот, тука
• Одржување радиоаматерски врски на УКБ (ултракратки бранови) преку рефлексија на радиобрановите од јонизирани метеорски трагови во атмосферата. Радиобрановите со многу висока фреквенција (VHF) се движат праволиниски и не ја следат закривеноста на Земјината топка, па најчесто хоризонтот е границата во која може да се воспостави комуникација на VHF.
Во нормални услови, растојанието при кое што може да се воспостави радиоврска на VHF се движи до неколку десетици или стотици километри, во зависност од тоа дали се наоѓаме на планина или во котлина.
Интересен вид на радиоаматерски врски се таканаречените „MS“ (Meteor Scatter) контакти, кои се остваруваат преку рефлексија, односно одбивање на VHF радиобрановите од јонизирани траги на метеорите при нивното навлегување во атмосферата на Земјата. Притоа, се воспоставуваат кратки комуникациски врски (до неколку секунди) помеѓу радиостаници на растојание до околу 2250 километри.
Метеори се нарекуваат небеските тела што се движат низ космосот со брзина од 11,2 до 73 км во секунда. Кога метеорите патувајќи низ космосот со огромна брзина ќе наидат на планетата Земја, тие најнапред навлегуваат во нејзината атмосфера и со голема брзина се судираат со молекулите од коишто е составена атмосферата. Поради огромната брзина на метеорите, нивната површината судирајќи се со молекулите на воздухот, се загрева до 10000 ˚C, така што тие многу бргу испаруваат, односно согоруваат во атмосферата. Притоа, согорувајќи, околу себе создаваат јонизирана трага којашто свети.
Најчесто метеорите се мали, со дијаметар помал од милиметaр до неколку милиметри и маса од неколку милиграми до неколку грама. Метеори со дијаметар до 10 cm и маса до неколку килограми целосно согоруваат во Земјината атмосфера на висина од околу 130 до 70 km. Поголемите метеори се многу ретки. Тие не согоруваат целосно, така што нивните остатоци можат да паднат на површината на земјата. Остатоците од метеори што ќе паднат на Земјата се викаат метеорити.
Метеорски дожд, или метеорски рој, е појава на поголем број метеори кои доаѓаат од некоја точка на небото, според којашто го добиваат името. Метеорскиот дожд трае од неколку часа до неколку дена, и тогаш бројот на метеорите изнесува од неколку десетици до сто или повеќе метеори на час. Метеорските роеви потекнуваат од постоечки или од исчезнати комети и најчесто се појавуваат во определено време, со период на повторување од една година.
Во Земјината атмосфера, постојано навлегуваат метеори кои оставаат јонизирани метеорски траги. Сепак, за радиоаматерите најинтересни се периодите кога има голем број метеори, односно метеорски дождови. Тогаш веројатноста за воспоставување радиоаматерски “MS” врски е најголема. Оваа интересна тема ја подготви менаџерот за УКБ, Тодор Тодоровски од Битола.
• Радиоаматерски кодекс “Ham Spirit“
• Правилник за радиоаматерски сообраќај преку репетитори
(Последните две презентации исто така ги подготви менаџерот за УКБ, Тодор Тодоровски од Битола.)
По изведувањето на презентациите и по АРГ натпреварот за најмладите, за време на ручекот беа доделени благодарници и признанија на радиоклубовите и поединците за нивната долгогодишна радиоаматерска дејност со којашто оствариле особен придонес за развојот на радиоаматеризмот во Македонија.
Собирот на радиоаматерите на езерото “Младост“ крај Велес беше одлична можност за меѓусебно запознавање на помладите радиоаматери, а за оние повозрасните кои се познаваа долго време, беше уште една можност за дружење, размена на искуство и за зацврснување на пријателството.