Во средата на 4-ти јануари во Кичево ненадејно почина познатиот македонски писател и најголемиот македонски уфолог Стојмир Симјаноски. Беше долгогодишен соработник на ЕМИТЕР и со неговата смрт изгубивме еден од нашите најдобрите соработници – фељтонист од сферата на уфологијата и мистериите на науката.
Голема и ненадоместлива е празнината која ќе ја почувствуваме со неговото заминување. Долго ќе се паметат и прераскажуваат неговите дијалози од серијата полемики во ЕМИТЕР “Мистеријата наречена НЛО”, во кои на читателте им откри неверојатно голема количина инфомации во врска со идејата за вонземното потекло на НЛО, тезата за вонземското потекло на овоземниот живот, како и вонземните посети на Земјата со НЛО. Не помалку атрактивен беше серијалот дебати за можните причини за наводната “Апокалипса 2012”, како и серијалот со заеднички наслов “Мистерии на науката”, каде се дебатираше за многу неразјаснети теми, како на пример: Тајните на свеста, Радиестезија, Кругови во житото, Претскажувачки сни, Духот и нематеријалната енергија, Кристалниот череп, Пирамидите, Тајните на водата, Имаат ли билките душа... Повеќе за неговите статии во Емитер на следниов линк .
Стојмир Симјаноски е роден во село Иванчишта (Кичевско) во 1937 година. Има завршено филолошки факултет. Работеше во Дирекцијата за иселеништво на Република Македонија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1975 година. Неговиот богат писателски опус како раскажувач, романсиер, драмски автор и фељтонист содржи 32 објавени наслови од кои најзначајните се романите “Евангелието на трите самовили”, “Синови на горите“, “Третиот завет”, “Вратата на сонот”, “Двојната Ева”, “Црвени утра” и збирката раскази “Чесно дрво”. Особено значајно е што Стојмир Симјаноски е еден од тројцата македонски писатели од областа на научната фантастика наведени во референтната “Енциклопедија на научната фантастика” од д-р Зоран Живковиќ. Стојмир Симјаноски е автор и на неколку патеписно-историски телевизиски емисии. Тој е основоположник на “Курирче” – поетската манифестација за деца во Кичево. Добитник е на наградата “11 септември” на град Кичево.