Здраво ЕМИТЕР,
Имам засилувач од 100 W. Ако потенциометарот е завртен во крајна десна положба, со колкава моќност треба да биде звучникот за да се добие чист и неизобличен звук?
Александар Јованов,
преку e-mail

Под претпоставка дека таа ваша крајна десна положба за вас значи "полна" моќност, односно 100W, звучникот треба да биде димензиониран трајно да ги издржи тие 100W. Друга работа е дали првите и вторите 100 W се мерени со ист аршин! (поопширно во Емитер 12/05 – стр. 43 и Емитер 1/07 – стр. 38).
Што е за вас чист и неизобличен звук останува енигма! За мене таква категорија во реалниот свет не постои! Да направиме аналогија со едно магаре. Магарето има носивост од 100 kg. Ако истото го оптовариме со номиналните 100 kg, неговите нозе може да почнат да "се тресат" и истото нема да може да ја постигне својата номинална "магарешка" брзина од 11 km/час. Дотолку повеќе, по некое време истото може да "папса", а не дај боже и да "липса". Друга би била ситуацијата ако истото магаре го оптовариме со само 10 kg. Тоа, вака "лесно оптоварено", просто би "летало" по патот, неговите нозе нема да "се тресат" и многу малку би отстапувал од предвидениот итинерар. Со други зборови, колку сме подалеку од максималните перформанси на еден систем, тој толку помалку ќе изобличува.
Ако вие се стремите да постигнете "чист и неизобличен звук", пробајте истиот да го користите што е можно подалеку од неговите максимални можности. Ако вашиот систем од 100 W нагоден да работи на само неколку вати, не е доволно гласен за вашите уши, пробајте да набавите некој систем од неколку киловати, па слушајте го истиот на 100 W! Пазете притоа да не го оштетите слухот! Не заборавајте дека и вашето уво може да "се тресе" и да "папса" под дејство на голем товар!
Емилијан Иљоски

Никогаш, ама баш никогаш, па дури ни тогаш, не вртете го потенциометарот во крајна десна положба!!! Ако го завртете потенциометарот во крајна десна положба, ќе добиете максимално изобличен звук и прегорен високотонец (и среднотонец), независно од моќноста на звучникот! Всушност, многу е веројатно дека истото ќе се случи и кога потенциометарот се наоѓа "на средина", во позиција "12 часот". Повторувам: не е проблемот во моќноста на звучникот (може да биде и од 1000 W !), туку во позицијата на потенциометарот!
Постојат два начина да ја најдете позицијата на потенциометарот со која се добива максимално гласен, но чист и неизобличен звук.
Првиот начин е без користење на мерни уреди (и е помалку прецизен): завртете го потенциометарот на засилувачот во скоро крајна лева положба (на минимум) и вклучете го CD-плеерот. Најдете го најгласното место на CD-то и полека засилувајте ја јачината на звукот (вртете го потенциометарот на десно), сè додека не чуете дека звукот почнува да изобличува. Ова изобличување најлесно може да се открие по промената на квалитетот на средните и високите тонови (стануваат непријатни и крескави). Брзо означете ја оваа позиција на потенциометарот и веднаш потоа завртете го на лево. Целата оваа постапка повторете ја со неколку CD-а (колку повеќе, толку подобро) на најгласното место, и означете ја најмалата ("најлевата") позиција на потенциометарот. Е, оваа позиција треба да биде онаа максималната ("најдесна"), односно тоа е позицијата на потенциометарот кога засилувачот на својот излез испорачува чисти, неизобличени 100 W. На вака "наштиман" засилувач треба да се приклучи звучник со моќност од најмалку 100 W. Никогаш не го поставувајте потенциометарот "подесно" од оваа позиција, бидејќи нема да ве спаси ниту звучник од 1000 W - звукот ќе биде изобличен и нечист, а може да прегори високотонецот (и среднотонецот)! Ако оваа максимална јачина на звукот не ви е доволна, купете си други, високоефикасни звучници за професионално озвучување, со осетливост ("ефикасност") повисока од 95 dB/1m/2,83 V.
Идентична е постапката во случај кога изворот на звук е радиоприемник (тјунер), касетофон или нешто друго. Овие уреди даваат понизок излезен сигнал отколку CD-плеерот, па затоа максималната позиција на потенциометарот ќе биде малку подесно.
Вториот начин е со мерење и ќе ви треба дигитален волтметар и тест-CD. На излезот од засилувачот приклучете пегла, решо, или некој друг отпорник со моќност од најмалку 200 W и отпорност од најмалку 20 Ω. Завртете го потенциометарот на засилувачот во скоро крајна лева положба (на минимум) и вклучете го CD-плеерот. Пуштете го тест-CD-то на оној дел каде е снимен синусен тон (најмногу до 1000 Hz) со ниво од 0 dB, полека засилувајте ја јачината на звукот (вртете го потенциометарот на десно), сè додека не измерите напон на излезот од засилувачот еднаков на 28 V (ако е деклариран како 100 W на 8 Ω), односно 20 V ако е деклариран како 100 W на 4 Ω. Означете ја оваа позиција на потенциометарот. Оваа позиција треба да биде онаа максималната ("најдесна"), односно тоа е позицијата на потенциометарот кога засилувачот на својот излез испорачува чисти, неизобличени 100 W. Всушност, најточни мерења би биле кога мерниот отпорник би бил со иста минимална импеданса како и звучникот, но тоа би бил голем стрес за засилувачот и вакво мерење не препорачувам на почетници.
Идентична е постапката во случај кога изворот на звук е касетофон. На CD-плеерот пуштете го тест-CD-то на оној дел каде е снимен синусен тон (1000 Hz) со ниво од 0 dB и тонот снимете го на касетофонот со ниво од +3 dB. Потоа касетата пуштете ја на касетофонот и полека засилувајте ја јачината на звукот (вртете го потенциометарот на десно), сè додека не измерете напон на излезот од засилувачот еднаков на 28 V(ако е деклариран како 100 Ω на 8 Ω), односно 20 V ако е деклариран како 100 W на 4 Ω. Означете ја оваа позиција на потенциометарот.
За тјунери не може да се изведе ваква постапка со мерење (барем не вака едноставно).
Владимир Филевски