Од нашиот читател Душан Кичевчанец од Тетово добивме едно подолго писмо во кое, меѓу другото, ги искажува своите размислувања и сугестии во врска со некои од објавените проекти. Исто така дава предлог да објавиме шема на засилувач со електронски лампи и регулатор на наизменичен напон.
1. Од електричната шема на засилувачот A-50 (ЕМИТЕР 1/95) е сосема јасно дека транзисторите T1 и T2 служат за ограничување на струјата која минува низ ИК TDA2030 на вредност под 0,5A, со што е овозможено подигање на напојувањето до +/-22V. Истовремено транзисторите ја даваат и потребната струја на потрошувачот, кога струјата низ ИК ќе стане поголема од 0,3А, а со цел да се добие поголема излезна моќност. Начинот на кој се врзани во колото сосема одговара на нивната намена и на основната концепција на засилувачот - се друго е работа на личен вкус. Ова впрочем го потврдуваат и добиените технички карактеристики.
Што се однесува до понудените решенија за инвертирање на влезниот сигнал во проектот на мостниот засилувач (ЕМИТЕР 5/95), никаде не стои дека тоа се и единствените. Решението со посебен влезен трансформатор кое Вие го предлагате не е употребено од повеќе причини.
Воведувањето на трансформатор на влезот од засилувачот неминовно ќе доведе до ограничување на фреквентниот опсег и до генерирање на нелинеарни хармониски изобличувања во излезниот сигнал. Покрај ова надворешните електромагнетни полиња во трансформаторот можат да индуцираат паразитни сигнали кои на крајот резултираат со намален однос сигнал/шум. Постапките за елиминирање на штетното влијание од надворешните електромагнетни полиња се релативно сложени, а резултатите често незадоволнителни. Од друга страна набавката на соодветен влезен трансформатор сигурно не е лесна работа, уште повеќе ако се знае дека неговата примена е тесно ограничена. Згора на се ваквиот трансформатор чини најмалку колку целиот мостен засилувач. Сето ова се коси со основната идеја за квалитетен и економичен засилувач каков што е понудениот мостен засилувач.
Решенијата за инвертор со еден транзистор дадени во Вашето писмо се елементарни и доволно познати, додека решенијата со електронски цевки и трансформатори во најмала рака се непрактични и би рекле несоодветни за примена во конкретниот случај. Воведувањето на две па и повеќе електронски цевки ќе значи дополнително и непотребно усложнување на целиот засилувач без некои позначителни резултати. Овие решенија би дошле во предвид само кај засилувачите што се реализирани со електронски цевки.
2. Од писмото лесно забележуваме дека не сте љубител на интегрираната техника туку повеќе претпочитате транзистори и електронски лампи. Затоа ни замерувате што премногу често даваме шеми со интегрирани кола кои по Ваше мислење се несигурни и недостапни.
Примената на интегрираните кола денес е неминовна поради нивните големи можности, едноставната градба на разни уреди со нивна помош и се разбира нивната ниска цена. Сепак, во редакцијата внимаваме почесто да објавуваме шеми со поевтини ИК кои лесно се наоѓаат на нашиот пазар, а поретко шеми во кои се користат некои специфични и скапи ИК. Како и да е, мора да се трудиме да го следиме развојот на електрониката (кој е далеку напред), но се разбира, при тоа да бидеме во дослух со реалната состојба на ова поле кај нас. Ова не значи дека сме се откажале од електронските лампи туку баш напротив - еден од нашите соработници веќе работи на проект на НФ засилувач со електронски лампи. Бидејќи е очигледно дека на тоа поле Вие имате големо искуство би било интересно да ни испратите некој напис (проект или апликација) за уред реализиран со електронски лампи.
3. Понатаму, во своето писмо изразувате сомнеж дека шемата на УКБ предавателот ADR02 објавена во бројот 4/95 е неисправна бидејќи транзисторите постојано Ви прегоруваат.
Како и сите проекти кои се објавени во ЕМИТЕР така и овој проект практично е проверен - во овој случај не само од авторот туку и од повеќето соработници. Интересен е и податокот дека баш со овој предавател, пред повеќе од 9 години, цел еден месец работеше првото независно радио во Македонија - Младинското радио “Клуб 100” при УСО “Орце Николов”-Скопје. Исто така, веќе неколку години, учениците од истото училиште го изработуваат на часовите по практична настава со голем процент на успешност.
Сето ова укажува дека не станува збор за неисправна шема, а со уште една проверка повторно констатиравме дека нема грешка ни при компјутерското цртање на шемата и плочката. Тоа значи дека причина за нефункционирањето на Вашиот предавател може да биде некој неисправен или несоодветен елемент или пак грешка при изработката. Исто така, причина може да биде и лош дизајн на ППК - подебели и поблиску поставени водови имаат поголема паразитна капацитивност која значително влијае на работниот режим на предавателот.
И доколку плочката и елементите се во ред, сепак постои можност за прегорување на транзисторите. Имено, предавателот ниту неколку секунди не смее да биде вклучен без да биде приклучена антената и соодветни ладилници на транзисторите. Ако антената не е приклучена (или е во краток спој) настанува тотална рефлексија на брановите назад во предавателот и таа дополнителна моќност ги разорува транзисторите.
4. На крај од Вашето писмо поставувате прашање во врска со нефунционирањето на регулаторот на наизменичен напон кој сте го изработиле по шема од некоја руска книга.
Иако, во принцип не одговараме на прашања што се надвор од содржината на написите објавени во ЕМИТЕР (бидејќи за тоа е потребно големо ангажирање), сепак ја разгледавме шемата што ни ја испративте и во неа не забележавме никаква нелогичност. Ќе се потрудиме, во некој од следните броеви да објавиме напис и шема на напонски регулатор за 220V бидејќи, како што и самите констатирате, тоа е неопходен уред во оние места каде што мрежниот напон е нестабилен.
Слободан Таневски и Дејан Трпески