Здраво Емитерска редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател и си замам за право да станам и критичар. Во рубриката писма редовно ви пишуваат дека сте одлично списание. До некаде се сложувам (земајќи во обзир дека сте единствени), меѓутоа сакам да ви наведам некои, според мене, негативности.
1. Мислам дека претеравте со проектите и теориите за аудио засилувачите. Нема број во кој немате барем 5 страници за аудио техниката, кој и не е толку сложена за да и се обрне толкаво внимание.
2. Многу поинтересната VF техника е многу слабо застапена. Покрај неколкуте радио предавателчиња не објавивте ништо друго. Мислам оти недостасува теорија во врска со настанокот и формирањето на електро-магнетните бранови, нивното засилување, карактеристиките на предавателните антени и сл. Многу би било интересно ако објавите проект на ТВ предавател вклучувајќи го и модулаторот, нормално со многу детални теоретски објаснувања. Предлагам за почеток тоа да биде Video Sender-от кој иако во Бугарија и Турција го има по релативно ниска цена, би бил интересен за читателите.
3. Ќе го земам за пример бројот 11/97. Не знам зошто ги објавувате текстовите од 24-та до 30-та страница (рубрика "Прикази и тестови") кога нив, верувајте, не ги читаат ни 5% од читателите на ЕМИТЕР. Ниту ќе се научи нешто од нив, ниту ќе имаме некаква корист. Меѓу другото тоа се чисти преписи од некои други списанија со поинаква содржина.
4. "Списание за електроника, телекомуникации, аудио, видео и компјутерска техника". Мислам дека во овој поднаслов зборот видео е вишок бидејќи е застапен во содржината на списанието со 0%. Би било добро да го објасните сложениот видео сигнал во детали, од неговото "анализирање" во камерите, до неговото "светнување" на екранот (со графици).
5. Во врска со дигиталната техника немам никакви забелешки.
За на крај: Можеби морате да ме слушате, но не морате да ме послушате.
Поздрав,
Блаже, Кавадарци.
(Писмото го објавуваме во целост.)
Ако се иземат писмата во кои се поставува некое прашање во врска со некој објавен проект или напис, на овие страници многу почесто сме објавувале писма со слични предлози и критики во врска со концепцијата и содржината на ЕМИТЕР, отколку писма со пофалби. На дел од Вашите предлози и критики веќе имаме одговорено, но сепак за Вас и сите читатели кои слично размислуваат во оваа прилика ќе дадам поопширно образложение.
Сметам дека главните причини за ваквите критики од една страна е непознавањето (или неприфаќањето) на концепцијата на ЕМИТЕР, а од друга страна се личните афинитети и желби на читателот и немањето чувство за реалните потешкотии поврзани со издавањето на ваков вид списание.
Во врска со концепцијата на ЕМИТЕР сум пишувал во повеќе наврати, почнувајќи од уводникот за првиот број (Е1/95), па сè до одговорот на двете писма објавени во претходниот број (Е12/97). Сепак Вие тоа не го земате во предвид, па затоа морам уште еднаш да потенцирам дека ЕМИТЕР има (и мора да има) многу поширока концепција отколку што Вие посакувате. Поконкретно, моја намера, како негов издавач и уредник, е во ЕМИТЕР да има написи од различни области на електрониката, (аудио, видео, радио, напојувачка техника, автоматика, куќна електроника, компјутерска техника итн.), од различни видови (информации, проекти, прикази, тестови, теорија, апликации) и за различни читатели (почетници, хобисти, ученици, студенти, професионалци). Оваа концепција колку што е плод на мојата желба, уште повеќе е плод на реалноста во која егзистира списанието. Имено, Македонија е премногу мал пазар со неразвиена електронска и пратечка индустрија и со многу ниско ниво на техничка култура и култура на читање на своите граѓани. Токму поради овие причини невозможно е во Македонија да постојат (на пазарен принцип) тесно специјализирани списанија како што постојат во развиените западни држави. Дури и со вака широко поставена концепција на ЕМИТЕР ние сè уште немаме доволно спонзори и тираж кои би гарантирале редовно излегување на списанието и негов натамошен напредок во обем и квалитет. (За овие проблеми можете повеќе да дознаете од уводниците во ЕМИТЕР 5/97 и 6/97). Лошата финансиска ситуација е главна причина што и вака зацртаната концепција не можеме доследно да ја оствариме во секој број. Во организационен и технички смисол, освен мене, постојано се ангажирани само уште двајца студенти (секретарката и техничкиот уредник), меѓутоа никој од нас не е вработен во ЕМИТЕР бидејќи за тоа нема доволно средства. Написите ги подготвуваат хонорарни соработници кои согласно тој статус имаат слобода да одлучат што и кога ќе пишуваат. Се разбира присутно е договарање на релација уредник - редакцја - соработници, меѓутоа во вакви услови од тоа не може да произлезе цврста обврска за реализација на договореното. Дополнителен проблем претставува и немањето соработници за одделни области од електрониката и покрај тоа што ЕМИТЕР е секогаш отворен за соработка. Многумина квалитетни електроничари верувам немаат време и волја за вакво ангажирање меѓутоа сум забележал дека дел од нив едноставно своето знаење љубоморно го чуваат и не сакаат да го поделат со други. Со други зборови кажано, она што на запад го прават дваесетина, па и повеќе луѓе, и од тоа живееат, во ЕМИТЕР го прави мала група ентузијасти, кои вложуваат огромен труд и време, а при тоа многу малку заработуваат.
После овој опширен приказ на концепцијата и функционирањето на ЕМИТЕР само накратко ќе ги коментирам Вашите забелешки.
1. Аудио техниката зазема повеќе простор не затоа што е толку сложена, туку затоа што за неа има голем интерес, не само кај електроничарите конструктори, туку и кај читателите кои се само љубители на добриот звук и немаат намера да станат електроничари конструктори или сервисери. Затоа аудио техниката е присутна и преку конструкторски написи (проекти и апликации) и преку написи соодветни за Hi-Fi заљубениците (прикази и тестови). Впрочем за повеќе вакви написи, освен читателите, заинтересирани се и нашите спонзори - фирмите кои тргуваат со Hi-Fi опрема.
2. Освен "неколкуте предавателчиња" од областа на ВФ техниката до сега сме објавиле и цела серија написи за УКБ и ТВ антените, неколку шеми (проекти и апликации) за радиоприемници, видео засилувач, тестер на ВФ транзистори, како и неколку теоретски текстови за простирање на брановите и прикази на некои модели на радиостаници. Во скора иднина планираме да објавиме и проекти за FM предавател со поголема моќност, PLL синтетизатор на фреквенции, излезен ВФ засилувач за предавател и за спомнатиот Video Sender, како и неколку теоретски написи за најновите технологии во ВФ техниката. За сега не планираме серија написи за основната теорија од областа на радио техниката, па затоа Ве упатувам тие работи да ги побарате во некоја книга или учебник за радиотехника. За почеток би Ви ги препорачал книгите "Радио техника и електроника" од Светислав Шилер и "Радио приручник за аматере и техничаре" од Божо Метзгер.
3. Написите во рубриката "Прикази и тестови" се наменети за сите читатели кои сакаат да дознаат какви можности и квалитети имаат одделни електрински уреди. Процентот на оваа група читатели е далеку над Вашата претпоставка - ако не верувате погледнете ги резултатите од нашата анкета во ЕМИТЕР 9/96. Од дијаграмот за прашањето под број 15 јасно се гледа дека 52% од читателите се интересираат за прикази и тестови на електронски уреди. Во оваа рубрика во последно време имаме написи и за професионална аудио опрема поради тоа што не е мал бројот на читателите кои професионално работат со таква опрема (техничари и инженери во радио и ТВ станиците). Не се сложувам со тоа дека од вакви написи нема што да се научи, а уште помалку дека тоа се преписи од други списанија. Уште од почетокот моја определба, како и определба на редакцијата, беше и е "ЕМИТЕР да не биде преведувачки сервис" (цитат од уводникот за Е2/97) туку да биде простор за искажување на сопствените знаења и искуства на соработниците. Иако ваквата определба за нас значи многу повеќе работа и проблеми сепак немаме намера од неа да остапиме. Се разбира дека секој соработник користи списанија и книги но, барем колку што мене ми е познато, само како извор на информации, а не за комплетен препис. Во прилог на тоа говори и реномето на соработниците кои пишуваат написи во оваа рубрика. За почеток би го спомнал нашиот соработник од Хрватска - Милан Рупиќ, можеби најдобриот стручњак за Hi-Fi техниката од просторите на поранешна Југославија, кој има напишано неброено многу написи во списанијата "Сам свој мајстор", "Аудио-видео тренд", "Аудиофил" и каде уште не, и една обемна и ценета книга за Hi-Fi техниката. Тука е и колегата Владимир Филевски, електро инженер, кој со досегашните написи во ЕМИТЕР недвосмислено докажа дека многу добро го познава она за што пишува. Истото може да се каже и за Миле Серафимовски и Сашко Таневски, кои пишуваат за професионалната аудио техника - првиот е електро инженер во Македонската Телевизија со преку дваесетгодишно искуство на полето на студиската аудио техника и една објавена книга зад себе, а вториот е тон мајстор во Македонското радио со седумгодишно искуство на истата проблематика. Мислам дека доволно кажав за да сфатите дека авторските написи во ЕМИТЕР се правило, а не исклучок.
4. Ме зачудува како во бројот што го посочувате за пример (Е11/97) не забележавте дека еден од главните написи е посветен на најновата технологија во видео техниката - дигиталната телевизија. И покрај ова сепак се сложувам дека видео техниката е малку застапена во ЕМИТЕР, па ќе вложиме напори понатаму да не биде така. Инаку од поодамна ни е во план серија написи за ТВ техниката, но колегата на кој сметав никако да најде време за тоа. Во очекување на вакви написи Ве упатувам за основните работи од видео техниката да прочитате во некоја соодветна книга.
За крај: ЕМИТЕР е сè уште многу младо списание за да се очекува сè што сакаме (и Вие и ние) веќе да биде објавено на неговите страници. Впрочем тоа не го постигнале ни списанија што постојат десет пати подолго од ЕМИТЕР. Но да се надеваме дека ЕМИТЕР ќе постои уште долго и дека секој читател ќе најде во него многу од она што го интересира. Присуството на теми од многу области може да биде и предност - читајќи ги написите за кои имате посебен афинитет ќе прочитате написи и од други области и така ќе научите многу повеќе.
Слободан Таневски