Здраво Емитер,
Јас сакам да го правам електронскиот товар од Емитер 11/09 и 12/09 и не ми е јасно зашто да се модулира струјата што ќе се користи за оптоварување. Мислам дека модулирањето нема да ми биде потребно за понатамошно користење (освен ако не ме убедите во тоа со одговорот зашто е потребно модулирање). Со елиминирање на можноста за модулирање сакам да си ги намалам трошоците за изградба на тој проект и да ги елиминирам осцилаторните кола (цел IC2 и нивните околни делови), што според мене не би требало тоа да влијае на работата на склопот. Но се замислив малку за IC2d, бидејќи тој се користи како напонско следило на напонот што е добиен од P3, па ако IC2d не може да се "извади" од електричната шема тогаш да ги искористам операциските засилувачи од IC2 наместо IC3 за да не купувам уште еден интегралец посебно за напонското следило од P3 (значи ако може да се извади осцилаторот, но IC2d мора да остане тогаш да го заменам IC3 со IC2).
Трета работа што сакам да прашам е за што служи изводот MT1 (на електричната шема) и зашто точката на пинот 14 е посебно затемнета исто како и пинот 11 (што нема никаква ознака) дали тие треба да се премостат или се користат за некое мерење?
Имам ладилник 20x3x10cm (ширина, висина, должина) и сакам тој да го користам за разладување на транзисторите, но бидејќи само тој ми е единствен поголем ладилник сакам да го пресечам на половина (да биде 20x3x5cm) па дали тоа би било доволно за разладување на транзисторите (секако заедно со кулерот)?
И на крај да ви честитам за веб-страницата. Се надевам дека наскоро ќе профункционира и форумот и ќе имаме супер дружење.
Поздрав до вас и се надевам дека наскоро ќе добијам одговор бидејќи проектот го работам како семинарска работа во училиште.
Бојан Јаневски
Уредите што ги објавувам како проекти се изработуваат за нечии потреби и на читателите на ЕМИТЕР ги презентирам овакви какви што се. Отука, не гледам причина поради која би требало да ве убедувам дали самиот уред или некоја некоја негова опција ви е потребна или не. Можете да го изработите онаков каков што е, можете до мила воља да го модифицирате според сопствените потреби, можете да го прифатите само како идеја и сами да дизајнирате уред каков што вам ви треба и да не редам понатаму.
Од петте работни режими што ги нуди електронскиот товар, првите два (RCONST и ICONST) се наменти за тестирање во статички режим на работа на уредот што се тестира, а преостанатите три за тестирање во динамички режим. Имено, повеќето електронски уреди работат со потрошувачи кои во текот на работата ја менуваат својата отпорност односно струја на потрошувачка. Токму затоа потребно е електронскиот товар да ја симулира таа ситуација што се постигнува со соодветна модулација на струјата на оптоварување.
Во режимот на константен отпор (RCONST) интегрираното коло IC2 воопшто не се користи. Ако планирате да го користите само овој режим слободно можете да го исфрлите заедно со сите компоненти што се поврзани на неговите изводи вклучувајќи го и преклопникот S2. Притоа изводите 1 и c на конекторот SOC3 треба кусо да ги споите.
Во режимот на константна струја (ICONST) се користи само IC2d, но како напонско следило. Тоа значи дека и во овој режим интегрираното коло IC2 можете да го исфрлите, а од компонентите што се поврзани на неговите изводи треба да ја задржите само сериската гранка R15-P3-R16. Притоа, за да можете да постигнете иста струја на оптоварување, ќе треба да ги редимензионирате отпорностите во гранката. За да не правите пресметки за спомнатите отпорности можете да го оставите IC2 (кој е евтино коло) за да функционира IC2d, а да не ги вградувате пасивните елементи околу IC2a, IC2b и IC2c бидејќи тие кола не се користат во овој режим. Во овој работен режим не се користи ни сериската врска R14-P2 и на нејзино место ставете кусоспојник. Се разбира, кусоспојникот на конекторот SOC3 сега треба да биде помеѓу изводите 2 и c.
Доколку сакате да ги имате само првите два режима тогаш вградете го IC2, но не ги вградувате пасивните елементи околу IC2a, IC2b и IC2c, а како преклопник S2 вградете единечен преклопник со две положби кој треба да го поврзете со конекторот SOC3.
Во преостанатите три режими на работа интегрираното коло IC2 не може да се исфрли.
Двете лемни точки непосредно над изводите 11 и 14 на интегрираното коло IC2 служат за следење на моменталната вредност на сигналот за модулација на струјата на оптоварување. Тоа е напонски сигнал кој се генерира на излезот на IC2d. "Топлиот" крај на инструментот за следење (осцилоскоп или било кој друг инструмент) треба да се поврзе на мерната точка MT1 (пинот 14 на IC2), а маста од инструментот на масата од уредот (пинот 11 од IC2). Формулата за приближно пресметување на моменталната струја на оптоварување е дадена во првото продолжение на проектот.
Ладилникот кој го имате (поделен на пола) нема да биде доволен за постигнување на максималната моќност од 500W, но веројатно ќе биде доволен за 200-300W, тоа најдобро ќе ви го покажат заштитните кола на уредот.
Георги Ефтимов