Почитувана редакцијо,
Имам неколку прашања и предлог. Како предлог: поради големата заинтересираност на младите за радио техниката сакам да ви сугерирам во еден од вашите следни броеви да се најдат мини приемник и мини предавател со подобри карактеристики од до сега објавените. Сите мини приемници кои што можев да ги најдам работат или со напон повисок од 12V или работат со високоомски слушалки.
Кога веќе ги спомнавме високоомските слушалки, би сакал да знам нешто повеќе за нив (зошто се толку користени, како работат, како се поврзуваат и сл.) Друго, на пример, за овие слушалки би сакал да знам дали во овие оми е изразена импеданса или само отпорот на калемот во слушалката.
Дали постои начин преку PC да се вклучуваат и исклучуваат апарати со поголема моќност и како?
Поздрав од Кичево,
Илија Трајкоски

Ви се заблагодарувам на упатеното писмо и интересот што го пројавувате за содржините на ЕМИТЕР. Што се однесува до предлогот за приемници и предаватели би ве упатил на броевите 4/95 и 5/95, каде што беа објавени повеќе едноставни конструкции. Самата забелешката дека сите се за напон поголем од 12V не е сосема точна, но немојте да очајувате доколку не сте го нашле решението кое целосно ги задоволува вашите потреби. На страниците на нашево и ваше списание ќе излезат уште многу решенија за приемници и предаватели. Во подготовка е проект за токи-воки, како и за едноставен ФМ предавател со поголема моќност. Самите предаватели од друга страна не може да бидат со многу голема моќност и квалитет заради фактот дека зрачењето во етерот е строго законски регулирано. Во оваа смисла не се исплатува градењето на скап и софистициран уред само за да си докажете дека можете да го сторите тоа. Градбата на едноставни уреди може да е многу позабавна и верувајте ми дека резултатите не се толку лоши. Ова секако се однесува на решенијата со неколку делови, но морам да напоменам дека сите не беа такви.
Второто прашање, кое ни го упатувате, се однесува на високомските слушалки. Тоа е специјална изработка на добро познатите слушалки и се појавиле во времето кога најголем дел од приемниците биле изведени со лампи. Нивната употреба ја наметна големиот работен напон на лампите, како и потребата од поголема осетливост. Овие слушалки се карактеризираат со голем степен на искористување и предвидени се да се користат во кола кои имаат слаб сигнал на излезот. Таков е случајот кај детекторите. Тие се состојат од резонантно коло, диода и кондензатор. На излез на вакво коло се приклучуваат високоомски слушалки и може да се слуша радио програмата без активни елементи за засилување. Ова се кола кои немаат потреба од напојување. Денешните радио приемници во најголем дел се изработени со интегрирани кола. Тие поседуваат засилувачи на високофреквентниот сигнал и засилувачи на нискофреквентниот сигнал. Се користат софистицирани демодулатори и верувајте ми дека денес потребата од осетливи слушалки не е пресудна во приемот на слаби сигнали.
Управувањето на потрошувачи со големи моќности преку персонален компјутер е обработено во написот за 8 каналниот PC управувач објавен во Е1-2/96, и во оваа прилика ќе ве упатам на тој напис. За некои други решенија ќе стане збор во еден од следните броеви на ЕМИТЕР.
Коста Карпузовски