Почитувани,
Вашето списание го читам периодично и делумно сум задоволен од содржините во него. Би сакал да ви напоменам на неколку работи со кои сметам дека би се подигнал квалитетот на списанието.
1. Кога бев ученик во УСО "Орце Николов" професорот Слободан Таневски имаше изработено една исклучителна скрипта за која мислам дека е мало ремек дело. Во неа на мошне убав начин беа објаснети сите делови во електрониката, типови на транзистори, распоред на изводите, ознаки, читање на вредноста на отпорнците според бои и.т.н. Но таа скрипта, ако не се лажам, се користеше само во учебната '86 и '85. Затоа мислам дека вашето списание треба ја издаде повторно но овој пат како книга која би требало да ја има секој почетник но и искусен електроничар. Со други зборови книгата би требало да се вика "Мала Библија по електроника"
2. Мислам дека е време во списанието да се воведат две рубрики. Првата би се однесувала на интернет и електрониката, во која би се објавувале најпознатите web сајтови за електроника и сè она што тие го нудат. Втората рубрика би се однесувала на програмите за проектирање на електронски плочки. Програмите за симулација на електронските кола имаат исклучителна способност да го анализираат колото пред тоа да биде направено. Со такви анализи секој што има компјутер би можел дома да ги анализира колата што ги објавувате. Со тоа би се избегнале грешките од типот "напишавме дека треба да биде колото 7446 а мислевме на 7900". При компјутерските анализи на плочките, конструкторите подобро би ја научиле суштината на работа на колото а не како сега кога во скоро сите случаи читателите се само склопувачи на колото. Го поздравувам вашиот напис за цртање шеми со Corel Draw, но според мене електроничарите не би требале да работат со Corel туку со некој специјализиран програм за таа намена. Затоа од вас очекувам да објавите напис и некое мало упатство за најдобриот програм (или програми) за таа намена.
3. Би сакал нешто да кажам и за проектите што ги објавувате. Во осумдесетите години хит беше аудио техниката. Тогаш главна фора беше да имаш сам изработено некој супер засилувач и со него да пушташ музика на локалните журки. Она што тогаш беа аудио уредите сега се компјутерите. Затоа дајте накоја шема или проект за некоја комјутерска картица. Незнам дали знаете дека во 1986 во списанието Свет Компјутера се појави проект за изработка на модем за Commodore 64. Зошто вие сега не објавите некој проект за изработка на модем, звучна картичка и слично за PC. Очекувам најмалку еден или два вакви проекти во секој нов број. Зошто уредите што ги објавувате не се поврзани со компјутер - на пример, аларм за куќа кој би се контролирал од компјутер и сите информации би можеле да се видат на неговиот монитор. Можностите се неограничени. Во списанието се објавува реклама за еден мал уред кој кога ќе се спои на компјутер тој се претвара во осцилоскоп. Осцилоскоп кој го немам, но би сакал да го направам.
4. Немате свој web сајт на интернет. Тоа под итно треба да го решите. Е слушам сега како велите "Би сакале ние но знаеш колку тоа чини, немаме пари...". Да, но постои бесплатно решение - појдете на сајтот www.come.to и таму сè е објаснето. Вашата бесплатна старница тогаш би се викала www.come.to/emiter.
И што да ви кажам за крај. Имам една стара 486-ка за која со нетрпение очекувам некој проект во ЕМИТЕР. Толку за сега. Се надевам дека моите предлози сериозно ќе ги разгледате. Со нетрпение го чекам вашиот следен број.
Поздрав од Tomy via e-mail.

Благодарам за пофалните зборови и за Вашиот интерес за ЕМИТЕР. Вашите предлози се интересни и се во согласност со размислувањата на редакцијата, но некои од нив во овој момент не можат да бидат реализирани барем не онака како што би требало.
1. Скриптата што ја спомнувате се користи и денес, а не само тогаш во учебната 1986-87 година. Во меѓувреме таа претрпе неколку измени и дополнувања така што денес збирно (за II, III и IV година) таа има повеќе од 600 страници. Меѓутоа некои делови од таа скрипта сè уште го немаат потребниот квалитет и обем (односно јас не сум задоволен од нив) за да бидат објавени во книга. Една таква книга - прирачник за електроничари треба да биде сеопфатна и многу студиозно подготвена, а за таков ангажман сега немам време, бидејќи јас сè уште работам како професор, а останатиот дел од денот ми го одземаат обврските околу издавањето на ЕМИТЕР. Затоа планирам да ја објавам во делови - секое поглавје кое може да претставува некоја посебна целина да биде објавено како посебна книга. Меѓутоа и за таков ангажман тешко наоѓам време. Еве веќе година и пол го преработувам и дополнувам поглавјето за електронските компоненти кое во продолженија излегува во ЕМИТЕР во склоп на серијата "Почетен курс по практична електоника". Планирам на крај, со уште едно дополнување и корекции, тоа да биде објавено во посебна книга, а потоа би следеле и другите делови.
2. Рубрика во која ќе се објавуваат информации за Web сајтови кои се во врска со електрониката ќе воведеме наскоро (одговорот е пишуван во месец мај, а ова веќе е реализирано почнувајќи од Е6/99). Предлогот за написи за компјутерските програми за електроника очигледно се должи на тоа што не го следите ЕМИТЕР редовно. Ако го следевте ќе знаевте дека веќе беа објавени три серии на написи за користење на програмите EAGLE (во 3 продолженија), TANGO (во 5 продолженија) и Protel for Windows (во 3 продолженија), а беа објавени и поединечни написи за програмите PSpice, Electronics Workbench, EDWin NC и др. Во ЕМИТЕР проверка на функционирањето на апликациите што не се практично изработени или се "сомнителни" ги вршиме во програмите Electronics Workbench, PSpice и Client 98, а шемите и плочките ги цртаме во најновиот PROTEL (CLIENT 98). Шемите потоа естетски ги доработуваме во Corel Draw. Грешките при цртањето и означувањето на елементите како и при чукањето на текстот не можат да се избегнат со ниту еден програм. Грешките можат да се намалат со поголемо внимание на авторите и редакцијата и ако имаме повеќе време и/или повеќе луѓе вклучени во подготовката. Во сегашниве услови во тој поглед имаме голем успех (малку грешки) и оваа констатација не е произволна туку се должи на тоа што имаме увид во многу странски списанија кои што ги подготвува голема професионална екипа.
Идејата за цртање шеми (а во иднина и ППК) во програмот Corel Draw се роди како резултат на тоа што многу соработници и читатели на ЕМИТЕР немаат компјутер. Од анкетата што ја спроведовме минатото лето заклучивме дека само 24% од читателите имаат сопствен компјутер, а 40% имаат пристап до компјутерот на работа, училиште или кај некои роднини или пријатели. Затоа е многу тешко некој што нема компјутер или пак нема доволно време да работи со него да научи да ги користи специјализираните програми за електроника као што е на пример Protel. Од друга страна со само неколку часови вежбање секој може да научи да црта во Corel така што понудените библиотеки овозможуваат и тие читатели и соработници лесно да дојдат до компјутерски цртеж на својата шема.
И ние сме забележале дека дел од читателитте само го склопуваат избраното коло без притоа да навлезат во анализа на неговата работа. Меѓутоа за таквиот пристап на некои читатели ЕМИТЕР воопшто не е одговорен бидејќи ние за секој проект нудиме и опширен опис на функционирањето на колото, со цел заинтересираните читатели да научат нешто повеќе за тоа коло, а не само како да го склопат. Таквата наша определба често пати била критикувана од читателите-склопувачи, но ние немаме намера од неа да отстапиме. ЕМИТЕР и понатаму ќе нуди опширна анализа на колата што ги прикажува на своите страници, а на читателите оставаме колку од тоа ќе прочитаат и научат.
3. Се сложувам дека почесто треба да објавуваме проекти за разни хардверски додатоци за компјутер односно за уреди кои ќе овозможат компјутерот да се искористи и за нешто друго, а не само за видео игри, сурфање по интернет или чукање на писма (како што повеќето луѓе го користат). За ова веќе сме дискутирале во Редакцијата па се надевам дека во иднина ќе има повеќе такви прокети и апликации. Сепак веднаш да напоменам дека тоа нема да бидат проекти за некои уреди кои се комерцијално достапни (модем, звучна картичка и сл.), бидејќи нивната цена е толку ниска што воопшто не се исплати нивна самоградба. Наша определба е да понудиме проекти и апликации за разни компјутерски додатоци кои ги нема на пазарот или пак нивната цена е висока (на пример аларм, контролер на светло или електрични машини, контролер на температура, влага и сл.).
4. Што се однесува до идејата ЕМИТЕР да има свој Web сајт за жал морам да кажам дека во догледно време таа нема да се реализира. Причини за ова има неколку, а финансиските средства се само една од нив. Впрочем не е проблем изработката на сајтот (бидејќи тоа можеме бесплатно да го добиеме, односно во компензација со некоја од нашите компјутерски фирми) туку неговото одржување. Тој сајт треба месечно да се храни со нови информации, за што треба дополнително да се ангажира оваа мала екипа што го подготвува ЕМИТЕР, а која е веќе преоптоварена. Други луѓе немаме и не можеме да ангажираме бидејќи за тоа повторно требаат пари. Дури и да ангажираме други луѓе дел од работите ќе останат на мене и техничкиот уредник, а како што веќе кажав за тоа немаме време и сили бидејќи редовните обврски за издавање на ЕМИТЕР не тераат да работиме во просек 28 денови месечно по 12 часови дневно. Од друга страна мал е бројот на наши читатели што имаат пристап до интернет (според анкетата од минатото лето само 5% од нашите читатели имаат пристап до интернет од својот компјутер, а 19% од компјутерот на работа или училиште). Затоа сметам дека во овој период не е неопходно и е тешко изводливо да имаме своја Web страница.
Во ситуација во која опстанокот на списанието е доведен во прашање (како резултат на случувањата во и околу Македонија), сметам дека сите сили треба да ги насочиме во обезбедување на натамошното излегување и квалитетот на ЕМИТЕР, а не да се расплинуваме со нови и не толку потребни активности.
Се надевам дека содржината на новиот број ќе ги задоволи Вашите интереси и дека во иднина редовно и со внимание ќе нè следите.
Слободан Таневски