Во своите две писма нашиот читател Ратко Додевски од скопско Кадино Село помеѓу другото пишува:
Почитувана редакцијо,
Прво сакам да ви се заблагодарам што ми одговоривте на моето претходно писмо и што ги разрешивте моите проблеми. Исто така сакам и да ви честитам за досегашната успешна работа и да Ви посакам уште многу успешни години. Вашето списание го следам редовно од број 11/97 и можам да кажам дека навистина ме задоволува и се каам што не сум го купувал од првиот број, па затоа почнав и да купувам некои стари броеви Се надевам дека нема да ви бидам досаден, а вам нема да ви биде тешко да ми одговорите уште на неколку прашања бидејќи вие ми претставувате единствена врска со електрониката и немам на кого да му се обратам освен вам.
1. Дали во телефонската секретарка објавена во број 12/96 наместо дигитален мемориски модул може да се употреби уште еден касетофон соодветно поврзан?
2. Како може да се прошири капацитетот на бројачот на телефонски јавувања од 9 на 99 или пак на повеќе?
3. Во која од скопските продавници може да се набави дигиталниот мемориски модул DIGI-MEMO и по која цена?
4. Колку верна замена е BT 136 за KT 207 бидејќи во продавниците слушам дека тој веќе не се произведува и секаде ми го нудат BT 136.
5. На мене, а и на многу мои пријатели ни се допадна апликацијата за ултразвучен аларм објавена во ЕМИТЕР 3/99, но бидејќи ние сме почетници би сакале да објавите проект на овој уред.
6. Каде можат да се набават пиезо претворувачите за овој аларм и по која цена?
7. Имам идеја за еден проект, но не можам да ја реализирам поради недостиг на знаења. Можеби вие ќе успеете. Станува збор за уред кој ќе ни овозможи да го палиме и гасиме светлото во собата со помош на далечинскиот управувач од телевизор, видео или Hi-Fi систем. Ваков уред поседува еден мој пријател кој го набавил од еден негов пријател, кој пак ваквите уреди ги произведува, па затоа не сака да објави проект за него.
8. Убаво би било и да објавите проект на пригушувач на светлина, односно со вртење на потенциометар да можеме да ја менуваме јачината на собната светилка.
9. Во апликацијата "Тивок аларм" пишува дека се користи тиристор KT 207/400, кој и на шемата е означен како тристор, што е неточно бидејќи KT 207 е тријак. Јас мислам дека употребата на KT 207 е исправна но дека настанала некаква забуна и тој е наречен и означен како тиристор.
10. Кога сме веќе кај тријаците ме интересира која е нивната вистинска ознака и распоред бидејќи ги среќавам со различни ознаки. Ме интересира која е вистинската ознака и која конкретно е икористена во "Акустичен прекинувач" од Е4/98 за кој што веќе ви поставив прашања во моето претходно писмо.
За сега толку од мене но очекувајте ме повторно наскоро. Однапред ви упатувам благодарност, извинување и молба за што побрзо да ми одговорите.

Ви благодариме за пофалните зборови и упатените желби. Еве накратко одговор на Вашите прашања.
1. Одговорот е ДА, може. За таа намена потребен е касетофон со "бескрајна лента". На ваква лента со времетраење од дваесетина секунди, претходно се снима пораката која сакаме да му ја пренесеме на соговорникот, а потоа со доаѓањето на повикувачкиот сигнал, касетофонот се активира и ја отчитува снимената порака. Потребна е дополнителна електронска автоматика која по дваесетина секунди би ја прекинала работата на касетофонот за репродукција. Оваа автоматика би се активирала со активирањето на постоечкиот релеј, а временски би била лимитирана со времетраењето на бескрајната лента.
Немањето на ваква бескрајна лента ја отежнува изградбата. Во тој случај е потребно на класична лента последователно да се снимат повеќе пораки, со мало временско растојание меѓу нив. Посебен тајмер би го вклучувал касетофонот секој пат кога ќе се активира релејот активиран од T2 (BC 141), а би го исклучувал после временски интервал од десетина до дваесет секунди, т.е. онолку колку што трае должината на снимената порака. Паузата помеѓу снимените секвенци е одредена од прецизноста на тајмерот кој го вклучува касетофонот за репродукција, т.е. од времетраењето на квазистабилната состојба на моностабилот. Ако постојат варијации во времетраењето од на пр. 1sek, паузата помеѓу секвенците треба да биде поголема, неколку секунди. Наместо со два касетофони, еден за снимање и еден за репродукција, можна е варијанта со еден касетофон со "auto reverse глава" од кој едниот дел од главата се става во мод на снимање, а другиот во мод на репродукција. Касетофонот за репродукција, за отчитување на излезните пораки се активира со контаките P2 од релејот (види шема во Е12/96). Потребна е електроника која би го исклучила после еден одреден интервал. Сепак, заради поедноставност Ве советувам да го набавите дигиталниот модул.
2. Капацитетот на бројачот за телефонски јавувања може по желба да се прошири. Троцифрена индикација, сосема доволна за 999 јавувања, се постигнува со шема идентичната на дадената во проектот "Бројач на телефонските импулси" во ЕМИТЕР 1/99. Тригерирање на бројачот се врши на пин 14 од колото IC2 7490 (во шемата по грешка означен како 7447), од точката C, а во намената за бројач на телефонските јавувања, тригер импулс се зема од R11. Бројот на цифри може да се проширува до бескрај. Доволно е да се земе тригер импулс од претходната цифра (единици) од пин 11 (QD) на бројачот 7490 и со него да се тригерира колото за наредната цифра (десетки, стотки и.т.н.) на соодветниот бројач 7490 за десетки, стотки... и тоа на пин 14, односно на влезот за тригерирање.
3. Ние не го знаеме целосниот асортиман на домашните продавници за електронски материјали и немаме време да се јавуваме кај сите нив за да прашаме нешто што го интересира некој читател. Впрочем за да бидат достапни до читателите продавниците ги објавуваат своите реклами во ЕМИТЕР и за тоа плаќаат. Затоа слободно јавете се кај нив и прашајте што Ве интересира. Инаку Дигитални модули за снимање на синтетизиран говор можете да најдете и во некој вид на детски играчки кои го снимаат и повторуваат снимениот говор од децата (на пр. папагал, мече кое зборува...).
4. BT136 е понов тип на тријак предвиден за напони до 500V и струја до 4A. BT136 е добра замена за KT207, кој навистина повеќе не се произведува.
5. Она што е веќе објавено во ЕМИТЕР како апликација нема смисол повторно да биде објавено како проект. Уредот не е многу сложен, па пробајте да го реализирате со помош на некој поискусен електроничар.
6. Важи истиот одговор како под 3, со напомена дека вакви претворувачи има во скоро сите продавници за електронски материјали, како и во фирмите што произведуваат и монтираат алармна опрема (Zo & Co, Никаларм...).
7. И нас ни се познати некои електроничари што љубоморно го чуваат своето знаење и шемите кои ги имаат. Меѓутоа ЕМИТЕР овозможи голем дел од таквите "строго чувани шеми" да дојдат до сите заинтересирани. Таков е случајот и со уредот што го спомнувате - конструкција на еден далечински контролер на светло со помош на телекомандер од телевизор е објавена во бројот 9/96.
8. Класичен регулатор на светло (димер) објавивме уште во првиот број на ЕМИТЕР (1/95).
9. Правилна е забелешката дека во апликацијата "Тивок аларм", номинираната компонента претставува тријак, што сепак не ја менува нејзината улога во електричното коло.
10. Вистинската ознака на тријакот е прикажана на слика 1. Тријакот претставува управуван полупроводнички прекинувач на наизменични струи кој се доведува во состојба на проводност со помош на сигнали со мала моќност. Во принцип, може успешно да се замени со два антипаралелно врзани тиристори. За разлика од тиристорот, тријакот проведува во две насоки и може да се побудува со било кој поларитет на сигналот на управувачката електрода (G). Усвоено правило е поларитетот на побудниот импулс (на приклучокот G) да се смета секогаш во однос на приклучокот A1 кој одговара на K на тиристорот. Нешто повеќе за тиристорите и тријаците ќе има во следните написи од серијата "Почетен курс по практична електроника".
Оваа прилика ќе ја искористам да ви препорачам (и Вам и на сите читатели) во иднина кога ќе ни пишувате да се ограничете само на едно-две прашања, со цел одговорот да биде побрзо подготвен. Имајте на ум дека на различни прашања одговараат различни соработници, па ако има многу прашања одговорот може многу да доцни, како на пример во овој случај.
Петар Аврамовски, Коста Карпузовски и Слободан Таневски