Почитувана редакцијо,
Го поздравувам обновувањето на Емитер. Мило ми е што сте успеале да го проширите списанието со некои нови области, но ми се чини дека сте претерале со запоставувањето на електрониката. Сакајќи да направите списание по примерот на SAM, сте направиле списание кое наликува на M-express.
Имам и неколку прашања:
1. На пазарот неодамна се појавија PA звучници на Simsonik. Дали би можеле да ми кажете каде можам да ги најдам Thiele-Small параметрите за овие звучници, бидејќи без нив е невозможно да се конструира звучна кутија.
2. Ме интересира збор-два околу бас-хорните, нивната конструкција и какви звучници треба да се користат за нив.
3. Го изработив 500 W засилувач објавен во Емитер 3/98 и добив задоволителни резултати со квазикомплементарните 2N3055. Потоа решив да пробам и со комплементарните BDX66/77: по премостувањето на мостот P и отпорникот R21 добив многу мала мирна струја (10-20 mA), засилувачот функционираше но и изобличуваше. Откако ги вратив комплементарните парови, засилувачот повторно безпрекорно функционираше. Би сакал да ве прашам каде е проблемот и дали и во што би се подобрила работата со комплементарниот пар?
4. Би ве замолил за равенки за пресметка на мрежни и високофреквентни тороидни трансформатори со меко феритно јадро. Дали равенките за мотање на тороиден трансформатор се исти како за класичните, и ако не, во што е разликата?
Со почит,
Добре Трпески, преку e-mail
Еве ги нашите одговори на Вашите прашања:
1. Thiele-Small параметрите на звучниците Simsonik ги немаме, бидејќи фабриката Simsonik не ги објавува (но можеби ги знаат во M-express :-)). Единствен начин да се дознаат е да се измерат – за ова погледнете во малите огласи на последните страници од ЕМИТЕР (или во M-express :-))
2. Околу бас-хорните не е доволен збор-два, туку книга-две. За основните податоци и конструкцијата погледнете во статијата "Звучни кутии – сите видови на светот" објавен во ЕМИТЕР во октомври 1996 год. (а подетално објаснување веројатно е објавено во M-express :-)). Тоа се многу големи кутии, кои немаат длабоки басови – освен ако димензиите се огромни, но затоа имаат цврсти басови. Главна предност им е големата ефикасност – односно тие се многу гласни. Правилно проектирана звучна кутија од типот на хорна ја зголемува ефикасноста на употребениот бас-звучник за 3 до 6 dB. Во бас-хорни треба да се користат квалитетни звучници со цврста мембрана и со низок Qts параметар – помал од 0,4.
3. Многу ме радува фактот што еден од нашите читатели дава потврда дека 500W засилувач беспрекорно работи. Лично сметам дека во оваа рубрика од списанието треба да се изнесуваат и позитивните искуства со проектите од нашето списание, заедно со ваши мислења за подобрување на некој дизајн. Едно за да си помагаме едни со други, а второ за да ги охрабриме новите градители дека нивниот труд на крајот сепак ќе се исплати.
Што се однесува до верзијата со дарлингтон транзисторите јас кај мојот засилувач немав никакви проблеми но сепак, според вашата реакција гледам дека не сум предвидел баш сè. Имено дарлингтон транзисторот по својата конструкција се состои од два транзистора врзани во т.н. дарлингтонов спој. Токму заради ова напонот база-емитер, наместо вообичаените 0,7V, кај овој тип на транзистори се движи околу 1,3V во нормално активно подрачје. Ова сето го споменувам како увертира на објаснувањето на регулацијата на мирната струја и сите консеквенци при употребата на дарлингтон транзистори. Во конкретниот пример на излезниот засилувач од 500W, транзисторот T5 се грижи да ја обезбеди потребната напонска разлика меѓу базите на T9 и T10. Ова во индиректна смисла е напон кој го сочинува сериската врска на напонот база-емитер на T9, падот на напонот на R19, падот на напонот на R20 и напонот база-емитер на T10. Од овде се гледа дека работната точка на транзисторите T9 и T10, а преку нив и на целиот засилувач (ние ја согледуваме преку мирната струја), е одредена од падот на напонот на T5. Падот на напонот на T5 од друга страна е одреден од положбата на тример отпорникот P1. Во моите експерименти промената на отпорноста на P1 од минимум до максимум беше доволна за да ги поддржи сите промени во колото, но вие очигледно се среќавате со проблеми. Наједноставен начин да се зголеми падот на напонот на T5 е да се намали вредноста на R14 на половина или двојно да се зголеми вредноста на R13. Строго гледано, при употреба на дарлингтон транзистори, диодата D3 треба да се замени со сериска врска на две диоди, а истото важи и за диодата D4. Во истиот контекст двојно треба да се зголеми и отпорноста на R19, R20 и R21. Се надевам дека овие информации (заедно со оние од M-express :-)) ќе ви помогнат да добиете уште поквалитетен звук од вашиот засилувач.
4. На темата "тороидни трансформатори" ќе биде посветен посебен напис во некој од следните броеви на ЕМИТЕР (или пак, можеби во M-express :-)).
В. Филевски и К. Карпузовски