Почитувана Редакцијо,
Вашето списание секој месец го купувам и можам да кажам дека е одлично. Би ве замолил ако може да објавите шема на засилувач кој ќе биде до 20W, ќе работи на адаптер од 9V и нема да биде со интегрални кола или со транзистори. Јас мислам дека може, затоа што имам компјутер со звучници 2x10W (20W) и кога го отворив звучникот во кој има засилувач од 20W мислев ќе има транзистори, интегрирани кола итн., ама внатре имаше само 4 диоди, 10 кондензатори, 5 отпорници и еден тримерски отпорник.
Вашиот читател Миле Гогов.

Невозможно е да се изгради засилувач кој ќе содржи само т.н. пасивни елементи (отпорници, кондензатори, диоди...), туку секогаш во неговата конструкција мора да има и некој активен елемент: лампи, транзистори или интегрирани кола. Второто нелогично барање во вашето писмо е моќноста од 20W да се добие со напојување од 9V адаптер. Со толкав напон може да се постигне моќност од најмногу 2,5 W, а ако се употреби засилувач во мостна врска тогаш со тој напон може да се постигне моќност од најмногу 10 W, но при тоа потрошувачката на струја ќе биде 3 A, а толкава струја популарниот адаптер не може да даде.
Претпоставувам дека ваквото ваше барање настанало како резултат на она што сте го виделе во кутијата од компјутерските звучници бидејќи производителите за да ги залажат купувачите ја наведуваат максималната моќност што ја троши засилувачот во краток импулс (со траење од 1 или 10 милисекунди). Таа моќност се нарекува Peak Music Power Output (PMPO) и обично е за повеќе од 10 пати поголема од синусната (вистинската) моќност на засилувачот. Тоа значи дека засилувачот во вашите компјутерски звучници нема моќност поголема од 2W, а најверојатно е дека синусна моќност му е помала дури и од 1W.
Што да се каже на крај - едноставно читајте ЕМИТЕР и со тек на времето ќе дознаете многу тајни на науката и техниката :-).
Слободан Таневски