Почитувана Редакцијо! Имам два проблеми кои се надевам дека ќе можете да ми помогнете да ги решам.
1. Дали знаете како можам да осветлам LCD Display. Поточно, станува збор за LCD Display од дигитален брзиномер од велосипед. Јас пробав со поставување на LED диоди паралелно на дисплејот, но светлината поминува низ него и излегува на другата страна. Притоа ни еден дел од дисплејот не го осветлува. Ова ми беше инспирација од дисплеј на мобилен телефон, но дали е ова возможно и на овој дисплеј да се постигне?
2. Како би можел да поврзам флуоресцентна цевка (неонка) на 12V еднонасочна струја? Бидејќи немам сретнато во ЕМИТЕР ваква шема доколку има ќе ве молам да ми го посочите бројот на списанието. Дали би можел да ја искористам електрониката од светлата кои се користат кога нема напон во објектот и се вклучуваат на напон приближно 4V, а светат неонки од 8W. Ако ова е возможно дали би можел да ја зголемам моќноста на 60W. И за крај, доколку имате решение за ова или готов проект (шема) би ви бил многу благодарен доколку ми ја испратите на и-меил или ја објавите во некој од следните броеви на ЕМИТЕР!
Со почит, Борче Костовски

1. Претпоставувам дека дисплејот кој го има мерачот на брзина од велосипед е од рефлексен тип, што значи дека најдобро работи со светлина која упаѓа од надвор, и притоа најдобро е светлината да биде нормална на предната површина на дисплејот. Оваа светлина се одбива од рефлексната подлога позади стаклото со течен кристал и се враќа кон предната површина на дисплејот. Патувајќи низ "сендвичот" од стакло и течни кристали, светлината различно се поларизира и на тој начин се формираат сенки на местата каде поларизацијата е под агол од 90 степени. Овие сенки се користат за испишување на потребната информација на дисплејот. Ова во најкратки црти е принципот на работа на овие дисплеи.
Кај рефлексните типови на дисплеи со течен кристал светлината треба да помине два пати низ "сендвичот" (еднаш од предната површина кон рефлексниот слој и уште еднаш рефлектираната светлина се враќа од рефлексната површина кон предната страна на дисплејот). Ова значи дека ако на ваков дисплеј му уфрлите светлина од некоја друга страна нема да работи добро. Друга причина може да биде и типот на рефлексната површина на дисплејот која кај мобилните телефони е релјефна и е со бела боја. Овој рефлексен слој не само што ја рефлектира светлината, туку и ја дисперзира што е потребно за рамномерно осветлување на дисплејот. Уште една причина која може да биде причина за неуспех кај вас е и бојата на употребените светлечки диоди. Посебно ако сте употребиле сини лед диоди голема е веројатноста да нема успех. Ова се должи на тоа што некои дисплеи со течни кристали не ја поларизираат сината светлина и изгледа како дисплејот да не работи. Ова може да се одреди по тоа што овие дисплеи кога ги гледате на сончева светлина имаат пурпурно-темносин сјај. Ако станува збор за ова, употребете портокалови или зелени светлечки диоди и успехот ќе биде загарантиран.
2. За да започне неонската светилка да работи потребно е да настане јонизација на гасот кој се наоѓа во цевката (кој не е неон, туку е мешавина од повеќе гасови). Ова се постигнува со иницирање на гасот со напон од околу 1000V, а потоа за да се одржи јонизацијата потребен е напон од околу 180-200V. Станува збор за флуоресцентни цевки кои се со должина од 1,2m и се предвидени за работа на 220V наизменичен напон. За да започне ваква цевка да работи на 12V потребна е соодветна електроника со која од овој напон ќе се добие наизменичен напон со доволно висок напон. Ова може да се постигне на повеќе начини, но наједноставен е со употреба на мрежен трансформатор на кој му се менуваат улогите на примарот и секундарот. Така се одбира трансформатор со однос 12V/220V и на намотките за 12V се носи наизменичен напон од осцилатор предвиден за таа намена. Ова е само идеја како да се изработи едноставен инвертор, за деталите околу неговата изработка ќе треба да почекате за да се реализира проект со слична намена кој, се разбира, ќе го објавиме во ЕМИТЕР.
Што се однесува до електрониката која ја споменувате, се разбира дека може да се употреби електрониката која е предвидена за активирање на флуоресцентни цевки, но треба да се запази моќноста на цевката. За жал, не може на електроника предвидена за побуда на цевка од 8W да поврзете цевка од 60W. За да се оствари ова треба да се промени трансформаторот кој е поставен во електрониката како и драјверскиот дел за него. Сепак, оваа постапка не е воопшто едноставна и не би ви препорачал да ја правите. Многу поедноставно ќе биде да направите нова електроника која ќе биде предвидена за побуда на флуоресцентна цевка од 60W. Моментално не можеме да ви испратиме шема за оваа проблематика, но во иднина ќе се потрудиме да направиме проект во ЕМИТЕР за оваа намена.
Благој Ќупев