Поздрав до Редакцијата и сите вработени во списанието и ви посакувам и понатамошни успеси во издавање на истото, иако јас повеќе би се радувал на класичното старо издание.
Имам една молба до вас и до вашиот соработник Благој Ќупев.
Имено, го изработив проектот "Автоматски полнач на акумулатор" од број 9-12/2000. Ја следев комплетно постапката како што е опишана во проектот, но наидов на одреден "проблем". Откако ќе ја нагодам главната струја на полнење (Ip > 3,5A) при полнење на акумулаторот со не поголема струја од 4,5 A на почеток изгледа дека сè е во ред. Но, откако ќе го прекинам полнењето, при повторно приклучување на полначот со акумулаторот, струјата не се враќа на мојата зададена вредност, туку не ја поминува границата од 3A и тримерот R2 воопшто не реагира. Тогаш R2 морам да го намалам на нула, па повторно да го зголемам на 4,5 A. При повторно приклучување тој повторно се враќа на околу 3A, иако напонот на акумулаторот е околу 12 V.
Напоменувам дека "трафото" ми е доволно јако за околу 10A и сите делови се нови. Вториот проблем ми е што транзисторот TIP 2955 толку бргу се загрева што не верувам дека така треба да биде, иако го ставив на "огромен" алуминиумски ладилник 200 x 100 mm со дебелина од 2 mm. По 1 час ладилникот буквално не се допираше и транзисторот прегоре.
Инаку, овој полнач го видов и во "САМ" од 1985 год., но објаснувањето не беше опширно како што вие го прикажавте.
Ве молам да ме упатите како да го решам проблемот за да можам да го користам полначот.
Поздрав, Тони од Скопје

За промената во концептот на ЕМИТЕР и околу "класичното" издание прочитајте го уводникот од бројот 9/2003 каде детално се објаснети причините кои доведоа до тоа.
Полначот од ЕМИТЕР 9-12/2000 досега е изработен од повеќе наши соработници и читатели и немало никакви проблеми при неговата работа или експлоатација. Во продолжение ќе се обидам да дадам кратки информации како да одредите каде може да е проблемот.
Моја претпоставка е дека не е добро нагоден P3 кој одредува кога да се активира режимот за дополнување на акумулаторот, кога е активен само P1. Обидете се повторно да го нагодите P3 и/или да поставите поголема вредност за R4 (1,5M или 2M2) за да се избегне овој проблем со повторното дополнување на акумулаторот. Во секој случај, акумултарот кој има напон од 12V нема потреба од дополнување!
Добро сте направиле што сте употребиле трансформатор со поголема струја од потребната. Но, сепак, ладилникот и не е толку "огромен". Големината на ладилникот не се мери само според неговите надворешни димензии, туку според радијаторската површина. Станува збор за вкупната површина на ладилникот. Така и ладилник со димензии од 10х5х5 сантиметри може да има поголема ефикасност од вашиот "огромен" ладилник. Мој предлог е да употребите ладилник со ребра којшто има поголема радијаторска површина од обичниот алуминиумски лим и по потреба да додадете вентилатор на ладилникот. Немојте да заборавите да поставите термопроводна паста на спојот меѓу ладилникот и транзисторот.
Друга причина за големата температура на транзисторот може да биде големата моќност која се дисипира на него. Ова доаѓа од големиот напон на C1/C2, односно големиот напон на излез од трансформаторот. Идеално би било ако на кондензаторите има напон од 18V. Доколку немате можност да го промените напонот на трансформаторот добро би било на T3 да му додадете уште еден транзистор TIP2955 паралелно. Но, треба да се внимава тие да бидат спарени. Поврзувањето оди така што се поврзуваат базите, емитерите и колекторите на транзисторите. И при тоа двата транзистори се поставуваат на ладилник. Ако не можете да најдете спарени транзистори, останува во серија на нивните емитери да се постави по еден отпорник од 0,1ом/4W. За оваа проблематика веќе е пишувано во претходните броеви на ЕМИТЕР.
Можно е да има недостаток и во некоја компонента која иако е нова може да биде со сомнителен квалитет. Може да има и појава на несакани осцилации во колото кои вие тешко би можеле да ги детектирате без осцилоскоп, и тие да предизвикуваат прегревање на излезниот транзистор, или уште нешто друго што е исклучително тешко да го детектираме преку писмо! Останува уште еднаш детално да го прегледате уредот и да проверите дали е сè во ред. Многу добро би било уредот да го погледне некој ваш познат кој има познавања од електроника, затоа што не ретко се случува грешката да ви биде пред очи а да не ја гледате, а некој друг веднаш ќе ја забележи. Ова му се случува секому па затоа потрудете се некој друг да го погледне уредот кој го имате изработено!
Инаку идејата на ЕМИТЕР не е да ви претставиме само шема од уредот со краток текст и потоа сами да се снаоѓате како да го нагодите и употребувате понатаму. Целта на проектите во ЕМИТЕР е да се претстави уред којшто е тестиран од наша страна и да добиете доволно информации за неговото функционирање, изработка и нагодување. Нивото на информациите кои ги даваме се повеќе од доволни за успешно да го изработите уредот, но и да научите нешто ново од електрониката што ќе ви користи во иднина при проектирање, изработка и поправка на слични уреди.
Благој Ќупев