Почитувана Редакцијо,
Ви благодарам на советите на прашањата од претходното мое писмо. Сепак го изработив засилувачот за сабвуфер од ЕМИТЕР 9/2003, проработе од прва и работи прекрасно заедно со звучникот US.Blaster 2830. Ниските тонови се одлични. Би сакал сега да ве замолам да дадете некоја шема, но сега обратно - филтер засилувач за средни и високи тонови за surround со 5 или 6 канали на една плочка, што е можно помала. Нешто што би било околу 10W-25W по канал со филтер, по можност да се нагодува јачината и долната гранична фреквенција (од 150 до 600Hz). Покажете и како би се врзало тоа на High level input (на друг засилувач), а како на Low level input (Sound картичка, ДВД и сл.). За засилувачот за сабвуфер имам трансформатор 2x22V и 300 VA од кои се искористени 120VA, па ако може да го доискористам (да не купувам нов), нешто околу 160VA и на таа волтажа или со сериски отпорник (колкав и сл.), зашто навистина трансформаторите се многу скапи. Доколку не може да се исполни тоа барање, тогаш барем објавете проект за стереозасилувач што ги исполнува истите услови: 10-25W, филтер, 2x22V, 50VA (за да можам да приклучам три), High L.I., Low L.I., нагодување и слично (цена...).
Како второ и помалку важно (но сепак, не за заборавање) би сакал да направам и засилувач за сабвуфер во автомобил, па би ве замолил и за ова да ми помогнете. Доволни се 100W-200W, и доколку објавите ваков проект ве молам напишете и како сето тоа се поврзува во кола, како и сите дополнителни делови.
За крај, неколку прашања во врска со ДВД плеерите. Дали може да ми кажете што треба да се бара од еден ДВД плеер за да се добие оној вистински surround звук? Досега имам сретнато 3 ДВД плеери кај кои задните звучници го даваат истиот звук како предните, само потивко и со задоцнување, а само еден ДВД плеер кај кој сè е перфектно и звуците доаѓаат од вистинските страни од кои треба да доаѓаат (а тој ДВД плеер е некоја нај "шкљ" марка, за разлика од другите 3 кои се Sony, Koda и LG). Зошто е тоа така? Кај компјутерите е катастрофа – задните звучници немаат функција кај филмови, а кај "игрици" работат супер! Дали треба да се поврзе ДВД-то на компјутерот со дигитален кабел до sound картичката, или што е работата? Дали има разлика во звукот кога каблите од ДВД-то до засилувачот се обични пинови и кога се поврзани со оптички кабел (и што е подобро)? Оригиналните (како и добрите копии) ДВД филмови имаат за сите 5 или 6 канали посебен аудиозапис. Зошто едноставно не можам да го чујам? Каде исчезнуваат сите ефекти од задните звучници? Што значи и за што служи DTS, DTS2, како и ProLogic, Prologic2 и ProLogic2Extended? Последниве прашања можеби требаше да ги пратам на Unsolved Mysteries, но ете! Ве молам да ми одговорите што подетално!
Ви благодарам за одвоеното време и очекувам ваш одговор што поскоро!
Дејан Маликовски, преку e-mail

Почитуван г-не Маликовски,
Вашите барања "ве молам да ми одговорите што подетално" и "очекувам ваш одговор што поскоро" се апсолутно нереални и неизводливи! Вие, едноставно речено, сакате НАЕДНАШ да ја научите ЦЕЛОКУПНАТА електроника, и тоа само преку еден одговор на Вашето писмо! Тоа е невозможно! За поздравување е вашата желба да ја научите електрониката, но тоа не може да го направите веднаш. Не постои брз и лесен начин да се научи нешто – тоа важи и за електрониката. За секоја една работа која ќе сакам да Ви ја објаснам, со секој мој одговор, веднаш ќе се појават пред Вас уште неколку нови и непознати работи за кои не сте ни сонувале дека постојат. Една стара мудрост вели: "За да се постави вистинското прашање, треба да се знае половина од одговорот". Вашето прво прашање (всушност – барање) за 5 филтер-засилувачи најсликовито го докажува тоа (како негативен пример): Вие мислите дека за петте канали за сараунд системите е потребен, како што велите, "филтер за средните и високите тонови ... со гранична фреквенција 150-600 Hz". Не само што нема потреба, туку тоа е потполно погрешно! Во сараунд каналите се снимени звуци со сите потребни фреквенции, така што ако се отсечат сите тонови под 600 Hz, ќе настане ОГРОМНО осакатување на репродуцираниот звук. А кој ќе ги репродуцира тоновите под 600 Hz? Ако мислите дека тоа ќе го прави сабвуферот – грешите! Сабвуферите СЕКОГАШ мора да работат ПОД 150 Hz, затоа што само така увото не може да ја одреди локацијата на сабвуферот (за ова имам пишувано во поранешните броеви на ЕМИТЕР – прочитајте ги!). Ако сакате, можете во сараунд процесорот да го активирате ВГРАДЕНИОТ филтер од 80 Hz (СЕКОЈ сараунд процесор го има овој филтер!) со назначување на сараунд звучниците како small во bass management системот. Тогаш, во секој сараунд канал ќе бидат исфилтрирани тоновите под 80 Hz, така што воопшто нема потреба од некакво дополнително филтрирање за петте засилувачи! Тука треба да напоменам дека некои ДВД плеери воопшто немаат вграден сараунд процесор, така што за нив неопходен е A/V засилувач со вграден surround процесор, но тогаш не Ви се потребни 5 засилувачи, бидејќи самиот A/V засилувач веќе ги содржи потребните 5 засилувачи!
Заклучок: воопшто не Ви е потребен некаков филтер-засилувач "од 150 до 600 Hz" за петте канали, туку најобичен 5-канален засилувач (или 5 најобични моно засилувачи)!
Таков засилувач од 15 W може да се направи со TDA 2030 (TDA 2030A, TDA 2040). Треба да се направат 5 такви исти засилувачи со единечно напојување: "+" и "0", (не со симетрично: "+", "0" и "-"!) и да се постават на едно ладилно тело. Промената на јачината се врши преку самиот сараунд процесор, но може да се постави и обичен потенциометар на влезот од засилувачот. Сигналот за овие 5 засилувачи НЕ СМЕЕ да се земе од друг засилувач (High level input), туку САМО од излезите од сараунд процесорот. Зошто не смее? Долга приказна... Меѓу другото, затоа што така нема да добиете сараунд звук!
Сериски отпорник НЕ СМЕЕ да се користи за симнување напон на трансформаторот (за засилувач), како што сакате Вие! Зошто не смее? Долга приказна... која овојпат ќе ја прескокнеме, бидејќи одговорот ќе фати барем уште половина страница. Во Вашиов случај нема ни потреба од намалување на напонот од трансформаторот (поради тоа и кажав претходно дека засилувачите треба да бидат со единечно напојување!).
Стереозасилувач со моќност од 25 W по канал не смее да се напојува од трансформатор од 50 VA, бидејќи коефициентот на полезно дејство на засилувачот никогаш не може да биде 100%! Со коефициент од 60% (што е реална вредност) потребен е трансформатор од 80 VA. Но, кога станува збор за напојување на засилувач со 5 канали од по 25W, често се користи фактот што скоро никогаш нема полн сигнал на сите 5 канали истовремено (вкупно 125 W), така што трансформаторот не мора да биде од 210 VA (60 % коефициент на полезно дејство), туку сосема доволен е од 150 VA.
Сега мислам дека е очигледно: колку и да се трудам да Ви ги разјаснам работите, мојот одговор неминовно МОРА да содржи многу НОВИ работи за кои не сте ни претпоставувале дека постојат. Нормално, сега (најверојатно) не Ви е јасно што е тоа bass management, па уште и некакво small во него. Би можел да Ви одговорам и на тоа прашање, но во тој мој одговор повторно ќе има неколку нови работи за кои не сте слушнале и за кои ќе треба да Ви дадам ново објаснување, а пак во тој одговор повторно ќе има уште нешто ново ... и така натаму. На тој начин, овој мој одговор на САМО ЕДНО ваше прашање ќе нарасне во голема, книга од неколку стотина страници – а тоа, и да сакам, не можам да го направам – особено не како што сакате Вие: "што поскоро"!
Како што и сами се уверивте, одговорот на Вашите барања и прашања не може да биде едноставен – и тоа за работи кои мислевте дека се исправни и дека ги познавате! А што станува со оние работи за кои и сами сте свесни дека не ги познавате – колкав треба тогаш да биде одговорот на нив?
Ви препорачувам да прочитате неколку книги од типот на "Електроника за почетници", потоа книгите "Основи на електротехника", "Основи на електроника (Електронски елементи)" и "Електроника" за Средно електротехничко училиште, и на крај задолжително прочитајте ја серијата "Почетен курс по практична електроника" објавувана во ЕМИТЕР од јануари 1998 до март 2000 година (од нашата редакција можете да ја добиете скриптата со сите текстови од оваа серија, за само 300 денари). Една вистинска ризница на знаења има и во поранешните броеви на ЕМИТЕР (кои најверојатно ги немате) – купете ги сите броеви од 1995 година до денес, па ќе научите многу за електрониката аудио и видеотехниката.
Да се вратиме на вашите прашања (барања) за засилувачите. Ако Ве интересира цената за изработка на засилувачот, одете во која било продавница за електронски делови, на продавачот покажете му го списокот со потребните делови за засилувачот и прашајте колку ќе чини тоа. Као што веќе (не) сте забележале, за сите проекти објавени во ЕМИТЕР има список на потребни делови, но за цената ќе мора да прашате сами во продавниците за електронски материјали.
Што се однесува до Вашите прашања за ДВД плеерите, одговорите на дел од нив ќе ги најдете во написите на таа тема во претходните броеви на ЕМИТЕР (на пример, 4/97,5/97, 5/98, 12/98, 5/99, 11/99, 9-12/2к, 9/02, 10/02, 4/03 ....), а во план ни е серија на написи посветени на сараунд системите – трпеливо очекувајте го секој нов број на ЕМИТЕР и ќе научите сè за нив. Ви пожелуваме многубројни пријатни и интересни часови поминати со практичната електроника, но морате потрпеливо да го освојувате полето на електорниката. Трпението треба да биде неопходна доблест на оние кои сакаат да учат.
Владимир Филевски